Директор на Renault предупредува за преголемата зависност на Европа од Кина

Одлуката на Кина да го ограничи извозот на галиум и германиум, што се користат во микрочипови и електрични возила, открива колку многу Европа зависи од Кина, предупредува претседателот на Renault, Жан Доминик Сенард.

„Кинеска бура“ му се заканува на растечкото производство на електрични возила во Европа, кажа претседателот на Renault, Жан Доминик Сенард. Азиската суперсила владее целосно со клучните суровини што се неопходни за производство на батерии за електрични автомобили.

Кина неодамна одлучи да го ограничи извозот на два метали – галиум и германиум. Тие се користат во микрочипови и во електрични автомобили. Тоа го подигна црвеното знаме кај европските лидери, затоа што се увиде вистинската мера во којашто Европа е зависна од Кина. Воедно се покажа и непходноста за континентот да создаде скапа мрежа од добавувачи, кажа Сенард.

„Кога зборувам за кинеска бура, зборувам за силниот притисок што денес се поврзува со увозот на кинески електрични автомобили во Европа“, објаснува Сенард.

„Способни сме да произведуваме електрични автомобили, но се бориме да постигнеме сигурност во набавката“, кажа претседателот. Тој додаде и дека кинеската индустрија за електрични возила и синџирот од добавувачи за суровини се резултат од долгогодишното вложување. На Европа ќе ѝ бидат потребни милијарди евра за да го постигне истото.

„Војна на металите“

„Кина, што никој не може да ја обвини за тоа, ги контролира рудниците и посебно ја контролира преработката на металите што се користат за производство на батерии“, кажа Сенард. „Војната на иднината ќе биде војна на металите.“

Кина е глобално доминантен производител на двата метали и учествува со 94 проценти во светската продукција на галиум, според британскиот истражувачки центар Critical Minerals.

Ограничувањето на извозот на Кина поттикнува технолошка војна со САД, којашто понатаму веројатно ќе предизвика нови проблеми во глобалниот синџир за набавка. Европа се наоѓа среде спорот, и во најлошото сценарио ќе мора да бара алтернативи.

„Доколку дојде до вистинска геополитичка криза, тоа ќе нанесе големи штети на фабриките за батерии што целосно зависат од производи од увоз,“ предупредува Сенард. „Тоа е проблемот.“

Развојот на алтернативни горива, како што се синтетски е-горива и водород, ќе биде клучен во случај на ненадеен кусок од батерии, поради недостигот од суровини, вели Сенард. „Како што би постапил секој внимателен производител… бараме алтернативи за да спречиме парализирање на земјата, доколку на пример останеме без батерии.“

Volkswаgen е подготвен за предизвикот

Од Volkswagen кажуваат дека се „подготвени да преземеме мерки заедно со парнерите, доколку тоа биде потребно“. Концернот сепак не открива детали.

Металите ќе имаат важна улога за идните автономни возила, соопштија од VW.

Извозниците кажуваат дека алтернативните извори за галиум не можат да се стават во оптек, пред да стапат на сила рестрикциите во следниот месец. Постоечките залихи ќе бидат доволни за само неколку месеци.

„Залихите надвор од Кина во најдобар случај се доволни за шест месеци, така што проблемите ќе почнат да се чувствуваат за многу скоро време,“ оценува Аластер Нил, директор во Critical Minerals Institute.

Изградбата на нови фабрики ќе трае неколку години и ќе бара вложување, коешто ќе биде неисплатливо, доколку Кина во меѓувреме ги промени своите ставови, додава Нил.

Германиумот се користи во компјутерски процесори, но исто се наоѓа и во воена примена за уреди за ноќно гледање, како и за сензори за сателитски снимки. Галиумот се користи во радио комуникациски уреди и радари, за сателити и за светлечки диоди.

Производителите на чипови ценат дека проблемот нема да се почувствува веднаш

Поголемите производители на чипови ценат дека контролата на извозот на галиум од Кина повеќе е предупредување, за последиците врз економијата што земјата може да ги предизвика. Но, доколку цените се зголемат поради рестрикциите, компаниите ќе имаат уште една причина за да го сменат синџирот за набавки.

Тајвански WIN Semiconductors, што користи галиум за оптоелектронски уреди, изјави за Ројтерс дека само „мал број“ супстрат се набавува од Кина, додека главнината од набавката доаѓа од Германија и Јапонија.

Од TSMC, исто така од Тајван, најголем производител на чипови по налог во светот, не очекуваат директно влијание врз нивната продукција.

Производителот на чипови NXP Semiconductors не гледа влијание врз бизнисот. NXP произведува чипови за автомобили и за комууникацискиот сектор, користејќи галиум или германиум.

 

Претходна објаваНов салон за марките Haval и Great Wall Pickup
Следна објаваХаг позелене: Сто електрични автобуси Mercedes eCitaro

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here