Нов салон за марките Haval и Great Wall Pickup

Марката Haval во последните години изненади многу со двете генерации на СУВ-моделот H6. Директорите на кинеската СУВ-марка често нагласуваа дека нивните модели се премиум. Тоа во меѓувреме е неоспорно, моделите H6 и Jolion спаѓаат во ценовната класа од преку 30.000 евра, и своите клиенти ги наоѓаат меѓу возачките и возачите што бараат луксуз во своето возило, место цена што ќе биде пониска од останатите. Овој напредок го следи и увозникот Толту Моторс, со преселувањето во новиот салон и сервисен центар.

Најтешката задача околу продажбата на возилата од кинескиот производител Great Wall Motors на македонскиот пазар, се чинеше завршена, откако пикапот Steed, низ повеќе генерации се докажа како издржливо работно возило, едноставно за одржување. Присутен во возниот парк на бројни институции и фирми, Steed ќе беше доволна „занимација“ да се одржува неговата продажба на пазарот уште долги години и низа генерации.

Но, Кинезите имаа други планови, а увозникот Толту Моторс очигледно не се двоумеше ниту на момент да ги следи тие планови. Тоа што автомобилската сцена го научи во меѓувреме, е дека кинеските производители се далеку од „наивни“ и далеку од тоа дека само пробуваат дали светот ќе ги сака нивните автомобили.

Great Wall Motor, најголемиот производител на автомобили во приватна сопственост во Кина – воедно и производител на најпродаваниот СУВ модел во земјата, на Haval H6 – предизвика не помалку од сензација, кога стартуваше со втората генерација на овој модел. Со цена далеку над 20.000 евра, со бензински мотор во пазарниот сегмент во којшто на нашиот пазар до скоро не се признаваше друго освен дизел, Haval H6 многу полесно од очекувањата си ги најде своите купувачи.

Вистинскиот предизвик следеше кога Haval H6 од втората генерација, со многу повисока спецификација, требаше на македонскиот пазар да им се спротивстави на СУВ-моделите од традиционалните европски марки. Тој предизвик, во меѓувреме не само што е совладан, туку е дуплиран – затоа што Толту го вклучи во понуда и компактниот СУВ-модел Jolion

Нештата во Great Wall Motor се менуваат со брзина, што не е претерано да се именува како зачудувачка. Кусо по Haval H6 следеше компактниот СУВ-модел Jolion, со впечатлив и самоуверен дизајн, со многу хром, богат со опрема, што дури и го надмина H6.

Наскоро во понудата се очекува да пристигнат и хибридните погонски изведби на Haval H6 и Jolion, вклучувајќи и приклучен хибрид, што може десетици километри да извози чисто на струја, пред да се префрли на хибриден погон. Уште една новина во најава е пикaпот Poer. Концернот го цени својот пикап како премиум модел и во тоа треба да се верува.

Сите овие промени, направија и менаџментот на Толту Моторс, компанија што е присутна на автомобилската сцена од 1990 година, да премине на следното скалило, со отворањето нов салон за Haval и Great Wall Pickup. Салонот е дел од новоизграден објект веднаш покрај Качанички Пат, по станицата на Макпетрол.

Освен изложбен простор за три возила – со големина од рангот на Haval – Толту во новиот објект ја пресели и администрацијата. Верно на традицијата и на корените, затоа што уште од самото основање во 1990 година, Толту Моторс ја развива паралелно и гранката на сервисирање на возила, целиот подземен простор во објектот е наменет за сервис, со платформски дигалки, лакирница, подготвено за секакви сервисни интервенции на возила.

Едноставниот пристап и заокружената инфраструктура во објектот додаваат уште една димензија во имиџот на Толту Моторс и на марките на Great Wall Motor. Изненадувања не се исклучени. Хибридите е сосем извесно дека ќе бидат вклучени во понудата на марката Haval, исто и пикапот Poer ќе го прикаже GWM во уште едно ново светло. Концернот произведува и електрични возила, ништо помалку од Ora Funky Cat.

Видеото од тестот на Haval Jolion

Претходна објаваMercedes ќе го користи ChatGPT и во производството
Следна објаваДиректор на Renault предупредува за преголемата зависност на Европа од Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here