Кадарот на Porsche раководи со марките на концернот Volkswagen

Porsche 911 carrera 4s

Со назначувањето на Герно Делнер, поранешен менаџер на Porsche, за шеф на Audi, на местото на Маркус Дусман, продолжува еден тренд во концернот Volkswagen.

Тренер-играч во фудбалот ги одредува тактиката и поставата, но и самиот учествува како играч во фудбалскиот натпревар на теренот. Тој може да ја искористи својата функција и самиот да се постави на најдобра позиција како режисер на средината на теренот. Оваа негова двојна улога може да предизвика незадоволство во соблекувалната, ако системот не функционира.

Оливер Блуме во моментов е таков тренер-играч во концернот Volkswagen. Како извршен директор, Блуме ја одредува тактиката во целиот концерн, а во исто време е шеф на Porsche, една од марките во поставата на компанијата. Сé повеќе се забележува еден тренд: Во основната постава на концернот Volkswagen, токму Porsche сé почесто ја презема улогата на тренер-играч во центарот.

Блуме раководи со Porsche од 2015 година. Тој ја зема својата омилена марка како пример за останатите девет марки во коцернот. Сé повеќе менаџери од врвното раководство на Porsche, преземаат одговорност за други позиции во концернот. Тој тренд стана мошне очигледен, откако поранешниот менаџер од Porsche, Герно Делнер, во изминатава недела беше назначен за нов шеф на Audi, со важност од 1-ви септември, на местото на Маркус Дусман.

Porsche владее во концернот Volkswagen. Како единствена марка во новиот сегмент „спортски луксуз“, Porsche во идната играчка посава на Оливер Блуме раководи со целосниот развој на електричната платформа SSP, којашто е наменета за идните електрични модели со високи перформанси, од средната класа нагоре. Porsche придонесува за бизнисот на концернот со 20% рентабилност, што е многу повеќе од останатите марки. За Audi се планира рентабилноста да достигне 14% во 2030 година.

Менаџери од Цуфенхаузен сé повеќе го преземаат раководењето во концернот

Новиот шеф на Audi, Герно Делнер, во Porsche беше задолжен за развојот на Panamera и на електричниот СУВ-модел Macan. Во 2021 година, Делнер се пресели во Волфсбург и почна да работи на стратегијата на концернот.

Шефот за развој на Porsche, Михаел Штајнер, одговорен е за севкупниот развој на ниво на концерн. За дизајнот на сите марки на коцнернот Volkswagen решава Михаел Мауер, кој претходно ја имаше истата функција во Porsche. Одделот за развој на софтвер Cariad, којшто излезе проблематична зона во концернот, ќе го спасува човек од Porsche. Петер Бош беше шеф на производство во Bentley, во време кога британската отмена марка уште беше подредена под Porsche.

Како Оливер Блуме го трансформира целиот концерн Volkswagen

Германските медиуми оценуваат дека овие движења се „мирно преземање на концернот Volkswagen од менаџерите на Porsche“. Трендот и не е толку нов. Клаус Целмер исто така работеше долго време во Porsche, пред Блуме да го презеде раководењето со целиот концерн и да го постави Целмер за шеф на Skoda. Актуелниот директор за финансии во Audi, Јирген Ритерсбергер, претходно ја имаше функцијата на генерален ополномоштеник на Porsche.

Засега нема знаци што би укажале дека Оливер Блуме е преоптоварен од неговата необична функција како извршен директор и на концернот Volkswagen и на марката Porsche. Нема ниту забелешки дека тој избира погрешна постава за претстојните дуели со Tesla, BMW или Mercedes.

Меѓутоа, внатре во компанијата, што значи во соблекувалната, почнува да се јавува незадоволство. Постои група менаџери во Audi што се незадоволни со доделеното место на теренот, додека на Porsche му се дозволува да ги влече конците во центарот.

Добар тренер може да го организира тоа и да овозможи Audi да блеска и на крилната позиција. Дали Блуме и неговите довереници од Porsche, кои се поставени на врвни места во концернот, ќе одиграат добро во основната постава, ќе се покаже во следните месеци.

Претходна објаваБизнис по вообичаено во салонот на Citroen, попусти, брзи испораки
Следна објаваKia го заврши првото полугодие со рекорд во Америка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here