GLC Coupé: Најпродаваниот СУВ на Mercedes, варијанта втора

Новата генерација на Mercedes-Benz GLC лани ја доживеа својата светска премиера и набрзо потоа се појави во салонот на Мак Аутостар. Сега е ред на спортската купе-изведба GLC Coupe. Тоа се посебно важни модели за Штутгарт, затоа што станува збор за најпродаваната моделска серија на Mercedes-Benz.

Штутгарт за една година продаде повеќе од 340.000 примероци од GLC, што прави моделот од средната класа да биде најпродаван СУВ модел на Mercedes. Едeн од секои четири продадени примероци од серијата е во купе-изведбата GLC Coupe.

Во изгледот се препознава сличноста со класичниот GLC, којшто ја позајмува основата за купето. Тоа што е специјалност на оваа каросериска форма, линијата на покривот што постепено се спушта кон опашот и „брзиот“ опаш, GLC Coupe го нагласува многу самоуверено. Преку високиот опаш и впечатливиот спојлер, како завршеток на задниот поклопец, дизајнерите постигнале купето да оддава поспортски и подинамичен дух од стандардниот модел.

Разликите меѓу купето и класичниот СУВ се многу поголеми од вообичаено. Место само да се „одземе“ покривот по задните врати и линијата да се продолжи косо до завршетокот на каросеријата, купе-СУВ моделот почнува да се разликува уште од предните столбови. Благодарение на различниот пристап, каросеријата на GLC Coupe е пониска за 3,5 сантиметри од GLC. Во комбинација со каросерија подолга за пет сантиметри, се постигнува посебно динамична појава.

Задните светла се преземени од GLC, со тоа што има разлики во графиката, што се сведуваат главно на заоблената лајсна со светлечки диоди. Задниот поклопец повеќе се втопува во формата на опашот и се стеснува како што продолжува надолу. Исто и ѕвездата на Mercedes-Benz е поставена пониско отколку кај GLC.

Внатрешноста е јасно дека целосно е преземена од GLC. Изведбата Avantgarde е стандард и оддава спортски дух, со украсни делови изведени од метал, чијашто структура по малку потсеќа на карбон. Дигиталните инструменти од 12,3 инчи и средишниот дисплеј од 11,9 инчи, што е подзавртен кон возачот, веќе се познати и признати од C-Class и од самиот GLC.

Многу се внимавало на просторноста и практичноста во вториот ред. Тоа значи дека назад може да седат комотно и патници високи 1,9 метар, без стравување дека линијата на покривот ќе им биде премногу блиску до темето. Од GLC е веќе познато дека и просторот за колена е сосем пристоен. Опција е стаклен покрив, со којшто се добива попросторно чувство и подиректен контакт со „светот“. Во споредба со класичниот GLC, стаклениот покрив кај купето е подолг за шест сантиметри.

Тоа што багажникот е „покус“ за 75 литри во споредба со GLC, не е причина за паника, затоа што во купето пак се добива простор од 545 до 1.490 литри, наспроти 620 до 1.680 литри кај стандардниот модел. Во споредба со претходниот GLC Coupe, зафатнината е зголемена за 50 литри.

Погон на сите тркала и деветстепен автоматски менувач се стандард низ целата гама на Mercedes GLC. Тоа што е заедничко за целата гама се и електромоторите во погонската спрега. Покрај трите изведби со приклучен хибриден погон – GLC 300 e, GLC 400 e и GLC 300 de – гамата ги вклучува и GLC 200, GLC 300, GLC 220 d и GLC 300 d, коишто се изведени како благ хибрид, со 48-волтен стартер-генератор, односно во суштина електромотор.

Верно на карактерот на автомобилот, спортското подвозје исто така е стандард во GLC. Опција е технички пакет, во којшто е вклучена пневматска суспензија Airmatic, како и управувана задна оска (тркалата се вртат до 4,5 степени). Во тој случај и кругот на вртење се скусува од 11,8 на 10,9 метри, што е ниво на A-Class. На спортските возачи сепак ќе им значи повеќе тоа што управуваната задна оска ја подобрува и агилноста во свијоци.

Шестцилиндарците веќе се минато во средната класа на Mercedes-Benz, но затоа нивната класа на моќност ја пополнуваат приклучните хибриди – во чест на строгите СО2-ограничувања на ЕУ. Најсилниот приклучен хибрид е GLC 400 e, со дволитарски бензинец со 252 КС и електромотор со 136 КС, односно со системски 381 КС и 650 Nm.

Импресивна е големината на батеријата од 31, 2 kWh, што е повеќе дури и од батеријата на целосно електричната Dacia Spring. Досегот на големиот СУВ при погон чисто на струја изнесува до 130 километри.

Гамата наскоро ќе ја дополнат шестцилиндарски дизел и AMG-изведба. Mercedes-Benz уште не ги открива „бројките“ на најспортската верзија, меѓутоа може доволно да се заклучи и од AMG C 63 E Performance, со неговите 680 КС системска моќност.

Штутгарт почнува да прима нарачки веќе од следниот месец. Опсновната моделска изведба GLC 200 4Matic Coupé во Германија чини 62.594 евра, што е 2.785 евра повеќе од стандардниот СУВ.

Претходна објаваDefender службено возило на фестивалот Гластонбери
Следна објаваAbarth возеше невозможна мисија со Том Круз

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here