Според директорот на истражувачкиот центар на Toyota, Гил Прат, пребрзото преоѓање на електрични возила би довело возачите подолго време да ги задржат своите стари возила со мотори со внатрешно согорување. Пред самитот на Г7 во Јапонија, тој исто така бара подолга поддршка за хибридите.
Главниот научник во Toyota предупредува, дека пребрзото преоѓање на електрични возила, би довело возачите подолго да ги задржуваат своите постари возила со бензински мотори и бара возилата со хибриден погон подолго време да уживаат поддршка. Во Јапонија наскоро почнува самитот на лидерите на Групата Седум.
Субвенционирањето и рестрикциите за одредени видови погон можат да придонесат електричните возила да бидат привлечни за купувачите што можат да си ги дозволат. Но, за сите останати, тоа може да има токму спротивен ефект, порачува Гил Прат, главен научник во Toyota и извршен директор на институтот за истражување на Toyota. Тој го изјави тоа пред новинарите во Хирошима.
Светскиот производител на автомобили број 1 повеќепати укажува на тој аргумент: Транзицијата кон целосно електрични возила ќе трае подолго отколку што луѓето претпоставуваат. За животната средина и за автомобилската индустрија е подобро да се применува повеќе разгранет пристап, којшто ќе става поголемо тежиште на хибридите и на алтернативните горива.
Тоа поттикна критики и ја подгреа загриженоста дека Toyota им дозволува на Tesla на Илон Маск, на кинескиот BYD и на останатите ривали на пазарот со електрични возила, да се изборат за нанадоместлива предност.
„Еден ден ќе заврши недостигот од ресурси, но ако се гледа за повеќе години, немаме доволно материјали за батерии и обновливи ресурси за полнење, за батериски електрични автомобили како единствено решение,“ порача Прат.
„Материјали за батерии и обновлива инфрастуктура за полнење, еден ден ќе има во изобилство“, вели тој. „Но, потребни се децении, за рудниците за суровини за батерии, централи за производство на енергија од обновливи извори, далноводи и сезонски постројки за складирање енергија, да фатат чекор.“
Неколку јапонски производители најавија брзо зголемување на продукцијата на електрични возила во следните неколку години, но притоа не наведуваат како и кога планираат да се збогуваат со автомобилите со хибриден погон или бензински мотори.

Батериските електрични возила „се исклучително важна опција“, кажа Акио Тојода, претседател на Toyota и на здружението на јапонски производители на автомобили, на денешниот брифинг.
Во своето 14-годишно владеење како извршен директор на Toyota коешто заврши во април, внукот на основачот на компанијата беше и поздравуван и критикуван заради неговата убеденост дека батериските електрични возила треба да се продаваат паралелно со автомобилите што имаат хибриден или традиционален погон со мотор со внатрешно согорување.
Критичарите целат дека стратегијата на Тојода не се совпаѓа со целта на компанијата, за емисијата да се преполови до 2035 година и до средината на векот таа да стане СО2-неутрална. Тој не се сложува со таквата критика.
„Целта е нешто да се преземе околу глобалното затоплување,“ кажува Тојота. „Заедничкиот непријател е јаглеродниот диоксид“.
Коџи Сато, новиот извршен директор на Toyota, којшто ја презеде функцијата во април, најавува дека Toyota до 2026 година ќе достигне продажба од 1,5 милион батериски електрични возила на годишно ниво и дека ќе лансира 10 нови целосно електрични модели.
Toyota во фискалната година што заврши во март продаде 38.000 батериски електрични возила.
Оваа бројка во тековната фискална година ќе се искачи на 200.000 возила, најави во мај директорот за финансии Јоичи Мијазаки. За тоа да се постигне, Toyota ќе изгради фабрика за батериски елетрични возила и ќе инвестира 3,1 трилијарди јени (22,5 милијарди долари).
Министрите за животна средина и енергетика на државите на Г7, во април се обврзаа дека ќе ја намалат емисијата на СО2 до 2035 тгодина, меѓутоа не наведоа рокови, ниту попатни цели, по средбата во Хокаидо, Јапонија.
















