за

Citroën каков што вози џандарот од Сен Тропе

Citroën одбележува 55 години на Mehari, откако култниот модел ја доживеа својата премиера на 16-ти мај 1968 на теренот за голф во Довил.

Меѓу 1968 и 1987 година, од Citroen Mehari беа произведени 144.953 примероци, главно во фабриката во Форест, Белгија. Според тоа што овој автомобил го постигна на сцената, исто како да е произведен десетпати повеќе.

Овој несекојдневен автомобил минува секаков терен и вози по секакво време, заведе цела една генерација, со модуларноста, со практичноста, и секако со ниските трошоци во секој поглед. Славата на Mehari беше крунисана со неговата улога во серијалот комедии со Луј де Фин, прочуениот џандар од Сен Тропе.

Mehari стана уште еден во низата славни модели на Citroën, коишто беа забележани на светската сцена. Армијата го користеше овој автомобил, филмското платно го обожуваше.

Поглавјето го продолжи Citroën C3 Pluriel, како трендовски и престижен модел, којшто наскоро исто така ќе одбележи 20-годишнина. Најнов модел во низата е My Ami Buggy, што наскоро стартува на пазарот во обновена изведба.

На 16-ти мај 1968 година, пред 55 години, во срцето на протестите на француските студенти, Citroën на теренот на голф во Довил го претстави својот најнов модел: Mehari. Светот виде невообичаен пикап, со моќност од 28 до 32 КС, со пластична каросерија (ABS, acrylonitrile butadiene styrene), дизајниран од воениот пилот Роланд де ла Пуап.

Како основа послужи платформата на Dyane 6, па затоа и моделот првично беше претставен како Dyane 6 Mehari. Автомобилот се произведуваше близу 20 години. Продукцијата достигна 144.953 примероци, вклучувајќи 1.213 примероци од 4×4 Mehari. Малкумина се надеваа на таков успех. Освен во Форест, Белгија, моделот се произведуваше во уште седум фабрики во Франција, Шпанија и Португалија.

Возило за секаков терен и за сите сезони

Името Mehari потекнува од зборот mehari што се користи за едногрбните камили во Северна Африка и во Сахара. Камилите се познати дека одлично го совладуваат теренот, издржливи се и трпат многу без храна и вода. „Мехари“ се користат за превоз и на стока и на лица на подолги растојанија. Затоа Citroën го избра името Mehari за својот модел.

Однадвор, Mehari не остава впечаток дека одговара и за зиме, затоа што повеќе личи како кабриолет за користење преку летниот одмор. Но, со зимската обвивка, автомобилот целосно се затвора и може непречено да се користи и во студ.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Од подот се извлекува панел што се претвора во потпирач за грб, за уште двајца патници да се сместат назад. Каросеријата се состои од само 11 панели, што лесно се поправаат и се чистат со вода, внатре и надвор.

Иако се произведуваше близу 20 години, постојат само три изведби, од кои две се специјални серии. Овие серии се појавија во 1983 година: Méhari plage, што јасно се поврзува со плажа и одмор, во светложолта боја, продаван во Шпанија и Португалија; Méhari Azur, наменет за францускиот, италијанскиот и португалскиот пазар, изработен во само 700 примероци. Во 1979 година беше претставена варијанта со погон на сите тркала.

Возилото го користеа најразлични служби, почнувајќи од полицијата, царината, аеродромите, тркачките патеки. Поради практичноста, Mehari го купуваа и трговци, занаетчии, луѓе што едноставно го обожуваа автомобилот.

На француската армија ѝ беа испорачани 11.457 примероци од Mehari меѓу 1972 и 1987 година

Теренскиот Mehari 4×4 се користеше за итна помош насекаде низ светот. Тој дури учествуваше и на релито Париз Дакар во 1980 година, како пратечка лекарска помош. Поглавје што ретко кој го има пропуштено, секако е филмското појавување во славниот Џанрдар од Сен Тропе со Луј де Фин.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Менаџер на Toyota вели дека не треба да се брза со збогувањето со бензинците

Кинески Geely ги удвои своите акции во Aston Martin