Тоа веќе традиционално е еден од ретките настани на домашната сцена на којшто се прославува културата на мобилноста и воопшто на стилот во живеењето. Организаторите за викендов најавуваат настан во уште поголем обем од претходните и за верување е дека скопското издание на The Distinguished Gentleman’s Ride, годинава во многу нешта ќе постави нови стандарди.
Тимот на Gentleman’s Crew Skopјe за претстојниот викенд го најавува осмото скопско издание на најголемиот хуманитарен мото-хепенинг во светот The Distinguished Gentleman’s Ride. Претседателот на клубот, Игор Стефановски, потсетува дека „да се биде дел од ова глобално хуманитарно движење е секако чест, но и обврска.“
Скопје пред осум години се придружи официјално во ова светско движење, „коешто ги обединува пасионираните заљубеници на класичните мотоцикли и модата, во борбата против машките болести“, објаснува Стефановски. „Детали околу глобалниот настан веќе не ѝ се потребни на македонската, и пред сé скопската јавност, бидејќи овој настан веќе секој добро го познава“.
На 21-ви мај на улиците на главниот град ќе излезат околу 150 дотерани моторџии со своите класични блескави машини. На глобално ниво, настанот во изминативе години собра повеќе од 37,5 милиони долари, како средства коишто се наменети за борба против ракот на простата. На „Рајдот“ зедоа учество над 340.000 учесници во повеќе од 120 држави ширум светот.
Македонија од 2016 година е редовен учесник во светскиот настан
Организаторите најавуваат дека „блескавилото на прекрасните мотоцикли и шармот на дотераните моторџии и оваа година ќе бидат задолжителен фолклор на скопската парада“. Главната цел на настанот е до пошироката јавност да допрат добропознатите тематски постулати на овој настан – ширење на свеста кај машката популација и собирање средства за борба против ракот на простата и машките самоубиства. „И овојпат остануваме посветени на хуманитарната цел, заедно со сиот сјај кој го носи настанот“, укажува Стефановски на големата цел.
[the_ad id=”73361″]
Со оглед дека овогодинешниот настан The Distinguished Gentleman’s Ride ќе биде организиран во поголем обем, по завршување на парадното возење е планирана и забава, којашто ќе биде организирана по ист терк како и самиот настан, префинет и џентменски. Покрај учесниците и нивните лични гости, ќе бидат поканети и видни личности од културата, спортот, науката, деловниот сектор, дипломати, медиуми и други.
Линк до најавата од организаторот
https://www.gentlemanscrew.com/event/the-distinguished-gentlemans-ride-skopje-2023/
Линк до настанот
https://www.gentlemansride.com/rides/macedonia/skopje
















