Кинески електрични автомобили со тројно зголемена продажба во Германија

Пазарниот удел на електричните автомобили што биле увезени во Германија од Кина, во првото тромесечје од годинава е зголемен тројно во споредба со истиот период лани. Германските производители на автомобили имаат причина за загриженост, дали ќе успеат да држат чекор со брзото напредување на конкуренцијата.

Од јануари до март, 28 проценти од увезените електрични автомобили во Германија дошле од фабриките во Кина. Во истиот квартал лани, уделот бил само 7,8 проценти. Тоа го покажува официјалната германска статистика.

Volkswagen и останатите производители на автомобили се борат да го одржат чекорот, додека кинескиот автомобилски пазар, како најголем во светот, забрзано се движи кон електричната иднина. Големите и традиционални производители на автомобили остануваат во бавната лента.

„Голем број производи за секојдневието, но исто така и продукти што се поврзуваат со енергетската транзиција, во голем дел доаѓаат од Кина“, соопштуваат германските статистичари.

Од увезените персонални компјутери во Германија, во првото тромесечје, 86 проценти доаѓаат од Кина, кај телефоните се 68 проценти и кај литиум јон батериите се 39 проценти.

Владата на германскиот канцелар Олаф Шолц е сé повеќе загрижена околу Кина, како стратешки ривал, но во исто време и најголем трговски партнер од 2016 година наваму. Берлин презеде низа чекори со цел да се намали зависноста, додека се преиспитуваат билатералните односи.

Во поглед на ретките метали – коишто се клучни за производството на електрични автомобили и ветерници – Германија и целата Европска Унија имаат повеќе од 90% зависност од Кина.

 

Претходна објаваЏентлмени на мотоцикли викендов го возат осмото издание на „Рајдот“
Следна објаваЦрна кутија во автомобилите стандард од 2024 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here