Toyota за многу кусо време ќе може да ги пушти своите фабрики под полн капацитет, за да постави историски рекорди во продукцијата и во продажбата во светски рамки, исто како и во оперативната добивка.
Според овие предвидувања, јапонската компанија ќе се врати на патот што води кон силна експазија. Работењето во минатата година беше погодено од последиците од пандемијата, како и од кризата со микрочиповите, коишто ја зафатија целата бранша.
Откако почнаа да попуштаат проблемите околу испораката на компоненти од добавувачите, следен чекор ќе биде зголемување на лагерот од возила на клучните пазари, а посебно во САД. Целта е на тој начин да се создаде цврста подлога што ќе носи добивка и што ќе го финансира идното вложување на Toyota во електричните возила.
Плановите на Toyota, што извршниот директор Коџи Сато ги најави во минатата недела при објавувањето на финансиските резултати за изминатиот квартал, укажуваат на големата финансиска моќ на компанијата, што е пресуден фактор за Toyota да се вмеша на врвот во трката со електричните возила. Дополнителен предизвик се агресивните нови ривали, коишто доаѓаат главно од Силиконската Долина и од Кина.
Продукцијата на возила од марките Toyota и Lexus во тековната фискална година ќе се искачи на рекордни 10,1 милиони возила. Јапонската фискална година завршува на 31-ви март 2024 година.
Тоа е значително наголемување во споредба со 9,13 милион патнички автомобили од двете марки, со коишто заврши претходната фискална година. Јапонците пак постигнаа рекордно производство, меѓутоа поради нередовното снабдување со микрочипови, резултатот остана далеку под предвидените 9,7 милиони возила.
„Од март продолжуваме со продукција на највисоко ниво, поставувајќи приоритети на безбедноста и квалитетот,“ кажа директорот за финансии Јоичи Мијазаки на брифингот.
„Бидејќи побарувачката расте во сите региони, производствениот волумен уште не може да фати чекор со побарувачката, така што ќе продолжиме да воведуваме подобрувања, заедно со нашите добавувачи, со цел да продолжиме со зголемување на производствениот волумен.“
Во меѓувреме, се очекува вкупната продажба во светски рамки да достигне 11,38 милиони возила во тековната фискална година. Тоа е за 7,8 проценти повеќе во споредба со лани и го надминува дури и врвот од пред пандемијата, кога беа продадени 10,6 милиони возила, во фискалната година што заврши во март 2019 година.

Освен патничките возила од марките Lexus и Toyota, во вкупната продажба се вклучени и предвидувањата за марките Daihatsu (мини возила) и Hino (товарни возила).
Компанијата предвидува дека во тековната фискална година ќе се повтори највисоката оперативна добивка во историјата на Toyota, во висина од 3,0 трилијарди јени, односно околу 22,62 милијарди долари.
Тоа е исто со рекордната оперативна добивка од 3,0 трилијарди јени, што компанијата ја постигна во фискалната година што заврши во март 2022 година. Очекуваната маржа на добивка ќе биде 7,9 проценти, малку под здравата маржа од 9,5 проценти, што Toyota ја забележа пред две години.
Финансиите ѝ дозволуваат на Toyota да вложува масивно во електрични возила
Мијазаки кажува дека здравата профитабилност на компанијата ќе создава буџет, којшто ќе се користи за вложување во идните електрични возила.
Toyota во минатата среда обезбеди дополнителна 1 трилијарда јени (7,54 милијарди долари) за дополнително да се осигури дека во 2030 година ќе достигне продажба од 3,5 милиони целосно електрични возила.
Тоа значи дека Toyota во целиот период ќе вложи 5 трилијарди јени, односно 37,71 милијарди долари.
„Оваа структура на профит што целиме да ја постигнеме, е структура што ќе создава нов простор за инвестирање,“ објаснува Мијазаки. „На тој начин ќе можеме да ги финансираме идните инвестиции во елеткрични возила.“
Оперативната добивка порасна за 35 проценти, на 4,73 милијарди долари во првите три месеци од годината, додека чистиот приход порасна за 3,4 проценти, на 4,16 милијарди долари.
Глобалната продажба во периодот од јануари до завршетокот на март достигна 2,67 милиони возила, што е за 2,9 проценти подобро од истиот период лани.
















