Благодарение на исклучително аеродинамичната форма и усовршувањата во електричниот погон, ID.7, знаменосецот во семејството електрични модели на Volkswagen, постигнува досег до 700 километри.
Големиот досег прави ID.7 да биде погоден за возачи што честопати минуваат долги растојанија, како и за компании со голем возен парк од службени возила. Токму досегот на лимузината е клучен фактор, затоа што ID.7 има улога на електрична замена за Volkswagen Passat, најчестиот модел во возните паркови ширум Европа.
На ID.7 му припаѓа највисокото место во понудата од ID-електрични модели на Volkswagen, што како основа ја користат платформата MEB, вклучувајќи ги ID.3, ID.4 и ID.5, како и уште неколку електрични модели од останатите модели во концернот.
Лимузината го доживеа своето светски деби денес на салонот на автомобили во Шангај. Во исто време се одржуваше онлајн-премиера во Европа и во Њујорк. Продажбата во Кина ќе стартува во втората половина од годината, а моделот може да се очекува во Европа пред завршетокот на годината.
Посебна верзија за американскиот пазар ќе почне да се изработува во фабриката во Германија во 2024 година. Volkswagen очекува на лимузината да ѝ биде признаен досег од 300 милји, односно околу 483 километри, според американскиот мерен циклус EPA.
Во кокпитот, ID.7 стандардно ќе располага со проекциски дисплеј со унапредена реалност. Во висината на погледот на возачот ќе се прикажуваат информации за возењето, како брзина, сообраќајни знаци и водилки за навигацијата. Посебноста на проекцискиот дисплеј е во тоа што содржините се прикажуваат зависно од тоа што се наоѓа пред возилото. Информацијата за тековната брзина, на пример, заедно со брзинското ограничување, се покажуваат виртуелно понапред, додека водилките за навигацијата и другите информации се проектираат повеќе во заднина.

Над средишната конзола во ID.7 се наоѓа дисплеј од 15 инчи, што е новина за моделите што се базирани врз MEB-платформата. Преку дисплејот се ракува со повеќето од функциите на големиот електричен Volkswagen, вклучувајќи инфо-забава и функции за комфорот во кабината. По две сензорски лизгачки полиња под дисплејот се користат за местење на температурата и за силината на музиката.„Паметниот стаклен покрив“ на ID.7 се менува по електронски пат од целосно проѕирен до мат, помагајќи температурата во кабината да биде попријатна, додека во исто време се добива убава панорамска глетка.

Отворите за проветрување на ID.7 исто така се контролираат дигитално и автоматски. Volkswagen кажува дека тоа е интелигентен систем HVAC, којшто препознава кога возачот се приближува кон возилото и почнува постапка за кабината да се подзагрее или излади. Воздушното струење се распределува најоптимално, насочувајќи директно кон патниците или во друг правец, а системот реагира и на говорни команди.
VW уште пред премиерата најави, дека во случај дланките на возачот да се студено, возачото не само што ќе вклучи греење на воланот, туку и ќе насочи топол воздух кон дланките.
Мошне импресивен е коефициентот на отпор на воздух од 0,23, исто колку и актуелниот Tesla Model 3.
Со електрoмотор со 210 kW, односно 286 КС, лимузината е најсилен модел во семејството ID досега.

Системот за полусамостојно возење вклучува Travel Assist и може да го контролира возилото и во надолжен и во попречен правец. Тоа значи дека ID.7 може со помош на Travel Assist да изведе и автоматско престојување, при возење по автопат со брзина од преку 90 километри на час. Самостојно паркирање е стандард.
Volkswagen ќе го произведува ID.7 во Емден, Германија, од каде што ќе се сервираат европските и северноамериканските пазари. Во Кина, моделот ќе се произведува во фабрика што е заедничка инвестиција со FAW.
Основниот модел во Германија ќе чини под 60.000 евра.
















