Од компанијата јавуваат дека последните соборувања на цените во Европа биле овозможени од растот на пазарот и од промените што довеле до зголемување на производствениот капацитет.
Tesla во петокот ги намали цените на повеќе пазари во Европа, вклучувајќи ги Германија и Франција. Намалувањата ги опфатија сите изведби на Model 3, Model S и Model X, како и изведбата Model Y Performance.
„Нашата мисија е да го забрзаме преоѓањето кон обновлива енергија. Нашиот главен план има зацртано јасен пат по којшто таа мисија треба да се исполни: трансформација на малосериски производи со високи трошоци, во поевтини големосериски возила,“ стои во соопштението од Tesla.
Во Германија, Tesla ги намали цените за Model 3 и Model Y за 4,5 до 9,8 проценти, според тоа што може да се забележи на вебсајтот на марката. Тоа е веќе второ намалување на цените годинава, по јануарското намалување што достигна до 17 проценти.
Во Франција, купувачите на Model 3 по цена од 44.990 евра, сега ќе добијат и дополнително намалување на цените, преку владината субвенција во висина од 5.000 евра. Со новата цена, Model 3 ги исполнува условите за субвенција, којашто важи за електрични возила со цена до 47.000 евра.
The best-selling BEV in Germany in Q1 is the #ModelY thanks to the great @Tesla team at #GigaBerlinBrandenburg
graphic : @alex_avoigt pic.twitter.com/KXyl3Ue5sR
— Gigafactory Berlin News (@Gf4Tesla) April 11, 2023
На 2-ри април, Tesla објави рекордна испорака од 422.875 возила за првото тромесечје од годината, откако ги скуси цените за своите возила на глобалниот пазар. Растот во продажбата, сепак е минимален во споредба со ланскиот прв квартал. Конкуренцијата постојано се заострува и владее економска неизвесност.
Извршниот директор Илон Маск кажа дека Tesla ќе продолжи да ги скусува цените, со цел да ја зголеми побарувачката, како и дека гледа успех во тоа што се зголемил бројот на нарачките, по јануарскиот попуст.
На домашниот пазар во САД, Tesla ги скуси цените за основната изведба на Model 3 за вкупно 11 проценти од почетокот на годината. Кај основната изведба на СУВ-варијантата Model Y, цените се намалија за вкупно 20 проценти.
















