за

Во овој автомобил на Lancia се крие формата на идните Ypsilon и Delta

Lancia се враќа на сцената и од 2024 година ќе почне со продажба на новите модели. Преку студијата Pu+RE HPE, италијанската марка со вредна традиција покажува каде води иднината.

Lancia PU RA HPE

Добри вести за сите љубители на Lancia и воопшто на италијанските автомобили. Легендарната „марка на инженерите“, со името на механичарот и тркач, а подоцна конструктор и основач на компанијата, Винченцо Ланча, во 2024 година ќе го пушти во продажба својот прв нов модел.

Иднината ќе биде сјајна за италијанската марка Lancia, судејќи според спектакуларната студија Pu+Ra HPE. Три нови модели се во план до 2028 година.

Студијата Pu+Ra HPE е прв автомобил од новата ера на Lancia. Почетокот на новата ера се означува и со името на студискиот автомобил: „Pu“ доаѓа од „Рure“, „Ra“ е за „Radical“. Тоа значи дека дизајнот на идните модели на Lancia ќе биде оригинален и радикален.

Вториот дел од ознаката, пак, во согласност е со традицијата. HPE е кратенка од High Performance Electric, и тоа се повикува на историскиот модел Beta HPE. Италијанците прво го најавија студискиот Pu+Ra преку скулптура, што светот ја виде првпат кон завршетокот на 2022 година. Сега следи откривање на целиот автомобил. Неговиот дизајн ги соединува минатото и иднината.

Предниот дел со трите светлечки ленти е спектакл. Името на бојата на каросеријата гласи „Progressive Green“

Спортската основна форма, според дизајнерите, потсетува на моделите Aurelia и Flaminia, но се забележува и силно присуство на легендарниот рели-болид Stratos. Тоа се забележува најмногу во опашот. Двете тркалезни светла изгледаат буквално како да лебдат. Меѓу нив се наоѓа името на марката со новиот испис.

Аеродинамични тркала со три краци и нови логоа

Првото што се забележува отстрана се кусите каросериски превиси и целосно затворените аеро-тркала со три краци, со специјални гуми од Goodyear. На крилата е поставено новото лого на марката, што е мошне блиску до изгледот на старото лого од 1957 година. Напред, спектаклот го прават трите светлечки ленти, заедно со визорот што по идејата е сличен со оној кај Opel, како и осветлениот натпис Lancia.

Внатрешноста е дизајнирана во соработка со италијанскиот производител на мебел Cassina.

Благодарение на големите стакла и тркалезниот панорамски покрив, во внатрешноста на студијата на Lancia владее природна осветленост и се доживува атмосфера на дневна соба. За тоа се погрижи и соработката со италијанскиот производител на мебел Cassina.

Впечатливите жолти седишта потсетуваат на фотелјите на Cassina, а за впечатокот да биде целосен се грижат волнените теписи. Покрај тоа, 70 проценти од површините се изработени од материјали од обновливи извори.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Lancia Italia (@lancia_italia)

Главниот печат во внатрешноста го поставува системот S.A.L.A. Кратенката доаѓа од „Sound, Air, Light, Augmentation” и претставува виртуелен интерфејс, преку којшто со користење на само едно копче или со говорна команда може да се управува со најважните функции за комфорот, на пример со климата или со инфо-забавниот систем.

Системот располага со три начини на работа – immersive, wellbeing и entertainment – коишто се приспособуваат според барањата на патниците.

Конечно еден автомобил што не е СУВ: Студијата Pu+Ra HPE користи детали од Aurelia, Flaminia и Stratos, но изгледа најмодерно

За техниката не се открива многу. Единствено е наведено дека досегот на студискиот автомобил со целосно електричен погон изнесува над 700 километри. Се најавува и напредок во ниската потрошувачка на енергија, како и во брзината на полнење на батеријата.

Почетокот на новата ера ќе го означи Lancia Ypsilon во 2024 година

Како што се случувало многупати досега, од спектакуларниот изглед на студискиот автомобил, само малку ќе доспее во автомобилот што ќе влезе во сериско производство. Првиот нов сериски автомобил на Lancia ќе биде градскиот престижен модел Ypsilon. Тој ќе се нуди во хибридна и електрична изведба. Шефот Лука Наполитано сепак ветува дека дизајнот на Ypsilon силно ќе се раководи според студијата Pu+Ra HPE.

Lancia има големи планови. По 2026 година, марката ќе пушта во продажба само целосно електирчни модели. Две години подоцна, во 2028 година, доаѓа наследникот на Delta, а со тоа и влез во ерата во којашто Lancia ќе произведува единствено батериски електрични автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Tesla почнува нова рунда соборувања на цените во Европа

Mercedes-Maybach EQS SUV е најблагородниот начин да се вози на струја