
Fiat во соработка со својата дилерска мрежа започна акција, со којашто на Италијанците им нуди можност во текот на месец април, седум денови да ja користат електричната Nuova 500, без какви било трошоци околу возилото.
Џузепе Галаси, директор на Fiat и Abarth во Италија, вели: „Горд сум на оваа иницијатива, којашто на сите им овозможува самите да доживеат и да оценат, колку електромобилноста одговара за најразлични потреби во секојдневието.“
Произведена во Италија, Nuova 500 со полна батерија минува до 320 километри во реални услови на возење. Во случај да се вози само во град, може да се постигне досег до 460 километри, поради повратокот на енергија при сопирање и забавување. Батеријата располага со капацитет од 42 kWh. Со брз полнач со 85 kW, наполнетост од 80% се постигнува за само 35 минути.
Во случај клиентите по пробните седум денови да се решат да го продолжат возењето Fiat Nuova 500, домашната марка им нуди можност за лизинг, под договор со Stellantis Financial Services. Условите се примамливи: Без учество, на 48 месеци, со 47 рати отплата по 299 евра. Доколку по 4 години, корисниците сакаат да го купат возилото, тоа ќе ги чини 14.380 евра.
Има уште неколку фактори, што прават понудата да биде атрактивна. Во целата финансиска слика се зема предвид и откуп на старото возило за 1.500 евра (До Еуро 4, најмалку 12 месеци во сопственост), како и државна субвенција за електрични автомобили во висина од 5.000 евра.















