Електрична Kia е светски спортски автомобил на 2023 година

Kia EV6 ги нуди класичните автомобилски доблести од типот на просторна внатрешност или привлечен изглед, во комбинација со спринт што одзема здив – сето тоа во режија на електричен погон со 585 КС.

Електричнaта Kia ги победи Nissan Z и Toyota GR Corolla во битката за насловот на најдобар автомобил во светот за 2023 година, во конкуренција на модели со високи перформанси.

Ценетата награда беше доделена на посебна свеченост за време на Салонот на автомобили во Њујорк. Признанието пристигна од жири што е составено од 100 автомобилски новинари од 32 држави од целиот свет, што му дава посебна тежина на изборот.

Според Kia, признанието за EV6 GT претставува уште една потврда дека марката нуди иновативни возила, што носат корист за општеството, а сето тоа во согласност со мотото „Движење што инспирира“.

Во својот говор на настанот од светски глас, претседателот и извршен директор на корпорацијата Kia, Хо Сунг Сонг, кажа: „Огромна чест е да се добие признание на овој начин, од жирито на Светски автомобил на годината. Додека Kia се трансформира за да прерасне во светски водач во понудата на одржливи решенија, не оставаме камен на камен, за да создадеме возила што нудат исклучителна практичност, додека во исто време ги продуховуваме корисниците преку генијалноста, технологијата и дизајнот на возилата. Најновото одликување ни претставува уште една потврда дека нашата стратегија е успешна.“

Kia EV6 GT е врвната изведба во гамата на кросоверот, што веќе освои бројни признанија. Во моментов најголемиот и најмоќен електричен модел на Kia ја освои титулата на Европски автомобил на 2022 година, исто како и титулата на Северноамерикански СУВ-автомобил на 2023 година. Тоа се само двете највисоки одликувања за моделот досега.

Со моќност од 585 КС од двата електромотори, Kia EV6 GT спринтува до темпо сто за 3,5 секунди и постигнува крајна брзина од 260 km/h. Моделот се одликува и со 800-волтна архитектура што овозможува батеријата на брз полнач да достигне наполнетост од 80% за помалку од половина час.

Kia EV6 летово ќе има и македонска премиера, меѓу бројните важни модели со електромотор што стартуваат во понудата на Киа Македонија, покрај Niro, Ceed Plug-in Hybrid и хибридните изведби на Sportage.

Претходна објаваAlfa Romeo Tonale во уште едно специјално издание – за бебиња
Следна објаваЗошто би се лажеле дека токму автопатот ќе биде нормален?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here