за

Alfa Romeo Tonale во уште едно специјално издание – за бебиња

Специјалните серии ѝ прилегаат на Alfa Romeo Tonale. Така почна кариерата на италијанскиот СУВ, а сега доаѓа уште една посебна серија, Edizione Bambini.

Alfa Romeo создаде совршен автомобил за луѓето што и како родители сакаат да бидат со стил. Tonale Edizione Bambini располага со опрема што прави патувањето со деца да биде поедноставно.

Најновиот концептен автомобил на Alfa Romeo доаѓа како резултат од истражувањето спроведено меѓу 2.000 родители во Велика Британија, со деца на возраст до 11 години. Во тоа истражување, дури 59% од родителите ценат дека е важно кабината на нивниот автомобил да го задржи стилот. Истиот процент важи за родителите што имаат проблем возилото да го чуваат чисто, откако добиле деца. Од нив, 48% тврдат дека нивниот автомобил е неуреден и нечист. Повеќе од половината (56%), кажуваат дека им е срам кога ќе качат некој во своето возило, поради нередот што го прават дечињата.

Edizione Bambini е концептно возило, во режија на британскиот огранок на Alfa Romeo. Идејата е да се зголеми практичноста на возилото за семејствата, но во исто време да се задржат премиум карактерот и стилот на Alfa Romeo.

За родителите што патуваат со своето бебе, во 500-литарскиот багажник на Tonale елегантно е додадена површина за повивање. Друго истражување има покажано дека 86% од родителите морале да ги менуваат бебешките пелени додека биле на пат, односно во самото возило.

По отворањето на багажникот, оваа површина изработена посебно за Tonale, лесно се извлекува и исто така лесно се чисти.


Посебно за предните седишта на Tonale се изработени висечки џебови што се закачуваат зад седиштата. Во нив се наоѓа држач за шише, кутија за грицкалки и држач за боици. За таблет исто така.

Секако дека овие џебови се изработени од сива кожа и штепувани се во истиот стил со Tonale. Логото на Alfa Romeo се подразбира.

Во посебниот прибор на Edizione Bambini следи и бебешки монитор што ја пренесува сликата од задната клупа до мобилните телефони на родителите.

Отпадот се собира во шестлитарски сад што е прицврстен зад средишната конзола. Под багажникот има правосмукалка што работи на 12 волти и се полни преку приклучокот во багажникот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Fiat Uno пред 40 години: Тој што го смени светот на автомобилските реклами

Електрична Kia е светски спортски автомобил на 2023 година