Светот го помни овој автомобил по многу нешта. Пред четири децении, Fiat Uno донесе аеродинамична каросерија, секако со дизајн на Џуџаро, потоа просторна кабина, штедливи мотори, сé во комбинација со лесна управливост и солидно подвозје. Затоа не чуди што италијанската легенда е 8-ми најпродаван модел во историјата, со близу 9 милиони произведени примероци. Fiat Uno се произведуваше и во Србија, масовно се возеше. Но, и рекламите беа погодени.
Торино направи револуција со Fiat Uno, од многу гледишта. Тоа е првиот автомобил во историјата, чиешто производство во целост го изведуваа роботи. Двесте роботи заваруваа, 20 роботи лакираа. Каросеријата се состои од 172 единечни делови, што се споени со само 2.700 точки на завар. Каросеријата со дизајн од Џуџаро има коефициент на отпор 0,34, што подоцна при моделското освежување дојде до 0,30. Моторот Fire исто така го составуваа роботи. Сензација во секој поглед.
За светот да осознае колку е посебен овој автомобил, Италијанците применија и посебен пристап во рекламирањето. Исто колку што Fiat Uno го смени светот на автомобилите, така и рекламите за него го сменија светот на автомобилските реклами.
Докажаните спектакл мајстори се надминаа со Fiat Uno. Главниот дел од рекламната кампања се водеше околу Кејп Канаверал на Флорида, домот на вселенската програма на САД.
Fiat Uno ја понесе титулата Автомобил на 1984 година во Европа
Наследникот на 127 е првиот автомобил во чијашто реклама се користеа сатирични елементи. За овој необичен пристап, во видеото зборува Роберто Џиолито, дизајнер и директор на историскиот центар на Stellantis.
За да прикаже колку е напреден Uno, Fiat го ангажираше популарниот карикатурист Џорџио Форатини. Неговата кампања го пресели светот на автомобилите во светот на фантазијата и на цртаните филмови.
Карикатуристот создаде четири ликови: Два слона, еден пингвин и „касичка-прасичка“. Тоа се покажа како одличен пристап да се истакнат предностите на Uno. Првиот слон го претставуваше одличниот комфор, пингвинот ја претставуваше елеганцијата, прасето штедливоста, а вториот слон беше пример за динамичниот карактер на автомобилот.

Цртежите верно ги прикажуваа способностите на моделот. Малиот брз слон беше пример за штедливите мотори, што важеше посебно за новиот мотор Fire. Слонот во облик на фотелја укажувеше на одличната искористеност на кабината и на севкупно високото ниво на комфор. Пингвинот беше симбол за грижата за квалитетна изработка и за фините детали на дизајнот на Џуџаро. Касичката во форма на прасе беше пример за ниската потрошувачка и општо за ниските трошоци на одржување.
Кампањата наиде на фантастичен успех и секако дека потпомогна за продажбата на Fiat Uno. Познавачите од светот на маркетингот и денес говорат дека тоа е совршен пример, кога еден одличен автомобил е придружен од одлична рекламна кампања.
Fiat Uno се произведуваше во Европа до 1995 година, но производството продолжи во бројни региони ширум светот, меѓу другото и во Бразил, до 2014 година.
















