за

Kia Македонија напролет почнува со електрификација на понудата од модели

Kia Sportage во повеќе генерации е меѓу моделите што постигнуваат највпечатливо присуство на македонскиот пазар на нови автомобили. На ред е хибриден Sportage, и тоа не е единствената голема новина.

Сосем нови моделски серии на Kia што првпат се појавуваат на македонскиот пазар и три сосем нови погонски изведби во понудата, сите со електромотор во погонската спрега – сето тоа стои во агендата на Kia Македонија за годинава, со тоа што првата голема премиера е веќе кон крајот на март или почетокот на април.

Македонската автомобилска сцена досега има посведочено на бројни и крупни пресвртници во марката Kia. Меѓу последните е преоѓањето од буџет марка што нуди најмногу за парите, во марка што се бори да го понуди најдобриот автомобил на пазарот, без притоа да се напушта основното кредо на шампионска противвредност. По таа пресвртница следеше воведување 7-годишна гаранција, за потоа да се продолжи со полирање на имиџот, со стилски каросериски изведби за имиџ, од типот на XCeed или ProCeed.

Лани стартуваната петта генерација на Kia Sportage, иако со значително повисока спецификација во споредба со претходничката, го држи неофицијално третото место во продажбата на автомобили на македонскиот пазар лани, по Toyota Corolla и Dacia Sandero. Така се одвиваат нештата во оваа марка.

Во меѓувреме, марката вешто јава на бранот на електромобилноста. Моделското семејство на Kia Niro, коешто се состои од исклучиво електрифицирани изведби, вклучувајќи хибридна, приклучна хибридна и батериска елекрична верзија, лани во Европа постигнало над 80.000 продажби. Тоа е воедно и втората најпродавана моделска серија на Kia во Европа во 2022 година, по Sportage, a пред Ceed (без XCeed и ProCeed).

Kia Niro од годинава ќе се наоѓа во редовната понуда на македонскиот пазар. Тоа е само еден пример, какви новини ѝ претстојат на марката Kia годинава. Додека во тимот на директорот Владимир Билбилов работи под полна пареа на подготовка на пазарниот старт на елеткрифицираните и електричните модели, ги замоливме за неколку коментари околу претстојната пресвртница.

„Електрификацијата е пред сé голем предизвик за сите компании во автомобилската индустрија кои сакаат да напредуваат во овој екосистем, што се менува брзо. Секако и пазарите на автомобилската индустрија се трансформираат со молскавична брзина, па и успехот на Kia зависи од самиот пристап кон исполнување и надминување на новите потреби на потрошувачите во оваа нова ера, кога електрификацијата и мобилноста се клучните трендови во индустријата,“ објаснуваат од Kia Македонија.

Тоа што во моментов се одвива во марката е остварување на План С, една сеопфатна стратегија на електрификација. „Планот C е првиот голем чекор на долгото патување, што значи деловна трансформација на Kia и истиот е заснован врз клучните столбови на услугите за мобилност, електрификација, поврзување и автономија.“ Менаџментот на увозникот потсетува дека промените не се однесуваат само на електрификацијата на погонот, туку се работи и на нови услуги. „Стратегијата за електрификација на Kia се базира на уникатен пристап од бренд до производ кој го поедноставува електричниот, поттикнувајќи ги потрошувачите да тргнат на емотивно патување преку кое ќе ги истражуваат поволностите на електрификацијата па можеби и повеќе,“ така Киа Македонија ја прикажува големата слика за нивната марка.

Веста што најмногу ќе ги израдува фановите на електричниот погон и секако на самата марка, несомнено е кросоверот EV6. Тој доаѓа во Македонија. Тимот е веќе подготвен за новиот предизвик и ја објаснува филозофијата што стои зад овој историски важен модел: „EV6 е првиот доказ за Kia, којшто дава јасна насока за електрификацијата на патувањето, потрврда за трансформацијата на карактерот и неговата нескриена аспирација кон навлегување во премиум сегментот. На почеток EV6 е иновативно решение за новата публика со прогресивен начин на размислување, но автомобилот брзо ќе го отвори патот и ќе допре до помалку смелите индиувидуи, кои сепак имаат широко отворени перспективи и очекувања.“

Сите големи планови, сепак зависат од едно. Колку интерес покажуваат македонските возачки и возачи за електромобилноста, односно конкретно за моделите на Kia со електричен, хибриден, приклучен хибриден погон: „Интересот на македонските потрошувачи за електрифицираните автомобили на Kia е сé поголем, бидејќи покрај намалувањето на емисии на штетни гасови и ефтино возење, електрифицираните возила на Kia се полни со нови сензации.“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Kia Macedonia (@kiamacedonia)

Пазарниот оптимизам се базира и врз дополнителни вредности, коишто увозникот ги спомнува со гордост: „Најмоќниот сериски електрифициран автомобил на Kia, моделот EV6 GT, забрзува од 0 до 100 km/h за 3,5 секунди и постигнува максимална брзина од 260 km/h. Најсовремениот целосно електричен погон, со два електромотори, испорачува 585 КС и 740 Nm вртежен момент. Импресивнaта автономија на возење од 424 km и способностите за ултра-брзо полнење од 800 V обезбедуваат вистински потенцијал за патување на електричен погон.“

„Престани да се прашуваш, започни да возиш“, велат за електрифицираните возила на Kia, кои вистински го отсликуваат времето низ коешто се движиме, како и времето што допрво следува

Резултатите од тоа што е сработено за електрифицираните модели на Kia да се вклучат во понудата на македонскиот пазар ќе ги гледаме долж цела година. Маратонот на електро-премиери го почнува новиот XCeed во изведба со приклучен хибриден погон, чиешто салонско појавуање се очекува кон завршетокот на првиот, односно почетокот на вториот квартал. Тоа ќе биде дополнтиелна погонска изведба во гамата на стилскиот кросовер, покрај „снагаторите“ со 160 и 204 КС. На приклучниот хибрид исто така не му недостига моќност. На бензинецот од 1,6 литар со 105 КС му помага електромотор од 45 kW (61 КС), што дава системска моќност од 141 КС и вртежен момент од 265 Nm. При возење во град, батеријата има „сок“ за 59 километри, а за нејзино целосно полнење на ѕиден полнач од 3,3 kW, потребни се 165 минути. Киа Македонија посочува на посебната улога на овој модел: „Нашата стратегија е со разновидната понуда на модели и технологија, со овој модел да формираме нов независен сегмент во нашата понуда.“

Во истиот период се очекува да пристигнат и Sportage HEV и Niro HEV. Тоа се два модели со полн хибриден погон, посебно важни по тоа што едниот е збогатување на понудата на бестселерот на Kia на македонскиот пазар, додека другиот е сосем нова моделска серија на нашиот пазар.

Во хибридниот Sportage работи 1,6-литарец со турбонатполнење и 180 КС, којшто заедно со електромоторот од 44 kW (60 КС), произведува системски 230 КС и 350 Nm. Тоа звучи импесивно и така се доживува: Спринтот трае осум секунди, потрошувачката при умерено возење се движи околу шест литри. Достапни се верзии со погон напред или на сите тркала.

Топ-моделот со електричен погон и носител на насловот на автомобил на годината во Европа, Kia EV6, наскоро ќе привлекува внимание во салонот, а потоа и по улиците

Следниот чекор е под уште повисок напон. Во текот на летото, односно во третиот квартал, „пристигаат целосно електричните модели Niro EV и EV6 EV, кои се поставени на платформа предвидена исклучиво за елекритрични автомобили,“ најавува увозникот. Секој новитет ќе има посебна промоција, за „потрошувачите и медимумите да се запознаат и да ја почувствуваат новата технологија на Kia, којашто инспирира движејќи се.“

Kia во Македонија повеќе продава од поголемите моделски серии, првенствено од бестселерот во повеќе генерации Sportage, место од основните модели. Новите моделски изведби и моделски серии со електрифициран погон носат и одредено ценовно ниво над моделите T-GDi и CRDi. Ги прашавме во Киа, дали очекуваат со воведувањето на хибридните и електричните модели да привлечат во марката Kia повеќе клиенти што традиционално гравитирале кон други марки, или пак за нив повеќе ќе се одлучува матичната клиентела, што место класичните погонски изведби ќе се решава за новите опции?

„Секако дека со воведувањето на електричните и хибридни модели на автомобили се зголемува продажната понуда на Kia, со што е логично да очекуваме повеќе клиенти, воедно и поголема продажба на автомобили. Сметаме дека потрошувачите во Македонија го препознаваат пред сé квалитетот на автомобилите, а Kia многу ефективно ги преминува извесните линии на стандарди што се исцртани од конкуренцијата, нудејќи секогаш повеќе од тоа што го нудат тие за автомобили од истиот сегмент,“ со голема, но и издржана самоувереност ни порачуваат оттаму.

Ние веруваме во лојалноста на нашите клиенти кои се верни на брендот поради квалитетот и нашата услуга, но за да се привлечат нови клиенти, неопходно е истиот да се развива и понатаму
тимот на Киа Македонија

Kia во 2022 година го зголеми уделот на европскиот пазар на 5,1%, а бројот на новорегистрирани автомобили Kia во Европа во 2022 година е зголемен за 9,8% во споредба со 2021 година. „Според овие податоци е очигледно дека веќе гравитираат потрошувачи кон моделите на Kia, а со збогатената понуда на целата гама на електрифицирани модели, тој број секако ќе расте,“ коментираат од Киа Македонија.

Купувачите се заинтересирани, марката Kia напредува добро со своите електрифицирани и целосно електирични модели, увозниците вложуваат во комерцијализација на тие модели и во обука, единствено една алка е ‘рѓосана.

Домашната автомобилска политика последен пат направи клучна пресвртница во 2008 година, со тоа што ги укина сите стратешки определби што се неопходни за еден автомобилски пазар да се развива и да се регулира во правилна насока.

Постоечките и идните корисници на хибридните, приклучните хибридни и електричните модели пропуштаат бројни повластици. Тоа се главните двигатели што го поттикнуваат купувањето на овие погонски варијанти на европските и светските пазари, а реално се применливи во домашни услови. Зборуваме за ослободување од патарина, бесплатно и резервирано паркирање што е казниво за возила со обичен погон, поевтина регистрација и слично, па сé до ослободување од данок на возило?

„Слободно можеме да кажеме дека идните корисници на електрифицирани автомобили во Македонија, се лишени од поволностите што ги нудат повеќето европски држави, a со цел да се стимулира купувањето на таквите модели на автомобили. Ние во Киа Македонија, свесни сме за недостатоците кои ги имаме на автомобилскиот пазар во поглед на законските регулативи и критериуми за увоз на употребувани автомобили од странство, кои се во директна конфронтација со електрифицираните автомобили во однос на еколошките аспекти“, се надоврзуваат критично увозникот на Kia.

Борбата сепак продолжува, автомобилската сцена, барем во делот што се однесува до новите автомобили, ја сочинуваат едни од највештите и најспособни менаџери во државата, па незаинтересираноста на властите околу воведувањето каква било автомобилска политика, што ќе биде основа за развојот на возниот парк, се прифаќа како предизвик. „Како и изминатите 14 години, ние одлучно и со голем оптимизам чекориме напред, и нема да дозволиме сите тие недостатоци да влијаат на нашите клиенти, во поглед на примената и употребата на технологијата која следи.

Сепак, динамиката со која се движиме и развиваме не ветува лесно аплицирање на новата технологија доколку не се направат крупни промени во нашиот систем на регулативи, и секако развој на инфраструктурата непходна за да клиентот може со сигурност да употебува електрифициран автомобил.
Киа Македонија

Електрификацијата на понудата од модели на Kia во Македонија не е случајно темпирана да почне да се одвива токму годинава. Следното поглавје може да се очекува во поглед на производсвото на електрична енергија. Покривот на целиот деловен комплекс околу салонот, вклучувајќи ги и халите на Електрометал, изгледа мошне интересно. Масивни површини се покриени со панели, полнач за електрични автомобили се наоѓа веднаш на влезот на паркиралиштето, а тоа е само почетокот.

Ценетите увозници заклучуваат, „Киа Македонија во секоја смисла ја доближува технологијата и придобивките од возењето на електрифицирани автомобили на потрошувачите, но и на сите останати кои сме инспирирани од движењето, и сакаме да градиме чиста иднина и здрава средина за живеење.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota C-HR е следниот модел што добива изведба GR Sport

Toyota е 54 пати во Топ 10, по модели предничи Octavia

Италијански министер вели дека забраната за мотори во ЕУ е подарок за Кина