Патување со Toyota Yaris Cross до Лешочкиот манастир

Тоа е една од делниците што народот ги има заборавено, во време кога рекламите ги создаваат вредностите и кога масовниот избор се цени повеќе од индивидуалниот избор. Toyota Yaris Cross е СУВ-модел во класата на градските автомобили. Токму тој умерен карактер на теренец, му отвора патишта, што инаку не би се сетиле дека постојат. Одредиштето е свето, патуваме од Скопје до Лешок и до Лешочкиот манастир.

До Лешочкиот манастир може од Скопје да се патува по неколку правци. Најбрзо е по автопатот до Тетово. Педесет и трите километри, до Тетово, а потоа кон Лешок, според гугл-мапите се минуваат за еден час и две минути. Втора и најбрза можност е по автопатот до Тетово, до двоењето кај Желино, па потоа за Сиричино. Во тој случај, патот долг 47 километри се минува за 51 минута.

Секако дека може да се појде и по сосем трет правец, преку Сарај, по стариот пат за Тетово до Желино, па оттаму до Лешок. Тоа се 47 километри и еден час и пет минути дотаму.

Рутата што ја извозевме е четвртата можност да се стигне до нашето одредиште на падините на Шар Планина. На излезот на Скопје во Ѓорче Петров, пред станицата за точење гориво на Макпетрол се скршнува в десно кон Кондово. Патот е долг 46,5 километри, и според гугл-мапи се потребни еден час и шест минути за патување. Меѓутоа, разликата меѓу оваа рута и останатите, е во тоа што патувањето нема шанси да трае околу еден час, туку многу подолго.

Тоа е еден од најживопините краишта во Македонија, меѓу другото значаен посебно по тоа што патот води директно покрај Вардар. Тука се запира на секои пет минути, да се почувствува природата, и најважното, човек да чувствува дека навистина патува. По автопат, се гледа патувањето да заврши колку може побрзо. Тоа, тука е сосем неважно.

Низ Кондово се минува бавно и секако дека мора да се биде целосно буден за сообраќајот, меѓутоа брзо се доаѓа до делот кога делницата ќе почне да уверува дека е погоден изборот да се вози токму по неа. Се вози право, без скршнување, единствено кога ќе се влезе во Долно Свиларе, треба да се внимава кај Т-крстосницата, каде што нашиот пат продолжува в лево.

Обележје на целата рута, секако дека е тоа што се вози главно низ Дервенската Клисура, којашто е дело на нашата најголема река Вардар. На бројни места, посебно пред Радуша, Вардар е буквално на чекор или два од патот. На повеќе места има брзаци и тука може да се насети големата река, но и мора да се почитува моќта што таа ја понесува оттука. Пред Јегуновце, се доаѓа до мала хидроцентрала, којашто личи како уште да е во изградба.

Патот од Скопје, преку Радуша и Јегуновце, до Лешок, во должина од околу 50 километри

Во целиот тој живописен предел меѓу високите масиви на Жеден од едната и Долги Рид и Градиште на другата страна на Вардар, посебно е доживувањето кога патот се испреплетува со железничката пруга или води паралелно со неа. Воз тука почнал да врви уште во 1950-те години. На повеќе места ќе се забележат и железничките тунели. Железницата му дава посебен печат на овој пат. Меѓутоа, исто колку што е жално тоа што државата не располага со еден или друг вид сила – алудирајќи на интелектуална и финансиска сила – за да ја одржува во форма железницата во Азот, кај Богомила и Теово, до Прилеп, така и оваа делница, со сите филмски пејзажи што ги прикажува, во моментов останува напразно изградена.

Во видеото што го снимивме се прикажани сите моменти што му даваат обележје на ова патување. Одредиштето е уште едно откровение. Додека Скопје, под присила на беспланското и нечовечко градење, се убедува дека Градски Парк е излетничко место, и се гуши во смрдеата и штетноста од издувните гасови од масата автомобили што се упатуваат натаму на час или два во викендите, ова свето одредиште ја прикажува вистинската смисла на зборот излет.

Тест · Toyota Yaris Cross 1.5 Fancy

Македонските манастири ја зрачат таа енергија што плени и таа ќе се почувствува веднаш, откако од огромното асфалтирано паркиралиште пред Лешочкиот манастир ќе се погледне прво кон манастирската црква Свети Атанасиј, а потоа и ќе се прикаже Полог, долу во рамнината. Прекрасниот комплекс се наоѓа на висина од околу 600 метри и поканува да се дојде тука, да се искаже вербата и човечкото да се прикрепи со престојот.

Ресторанот работи в недела, и тоа може да биде уште една причина плус, за да се смета на подолго времетраење за целото ова патешествие.

Каков автомобил е Yaris Cross, објавивме претходно во тестот на моделот на Toyota. Тоа што СУВ-сестрата на Yaris го докажа како квалитет за ваков вид патувања, се комфорната и тивка амортизација, подвозјето што е дораснато и при четворица возрасни патници во возилото, а уште една одлика што изненади пријатно е еластичноста, дури и при полна натовареност. Тоа е заслуга на концептот на мотор со три цилиндри, којшто во принцип располага со повеќе моќ да повлече при ниски вртежи, отколку четирицилиндарец. На турата со бројни запирања заради снимање, често забрзување и поаѓање, Yaris Cross со 1,5-литарецот со 125 КС пријави потрошувачка од околу седум литри на патниот компјутер. За ваква рута, тоа е повеќе од одлична вредност.

Бидејќи е голема веројатноста дека небото неосетно ќе замрачи додека човек се препушта на сите убавини во Лешочкиот манастир, за враќање назад секако дека е добро да се избере најкомотната опција – возење по автопатот за Скопје, со можност за исклучување кај Желино и продолжување по стариот пат.

Претходна објаваКинески Haval стана втора најпродавана марка во Русија по Lada
Следна објаваАвтомобилски фабрики ги ангажираат работниците да возат камиони

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here