Stellantis и Renault се потпираат на сопствениот кадар за да го надминат кусокот од возачи на камиони, поради којшто илјадници возила не може да се донесат до дилерите и до сопствениците.
Концернот на Peugeot и Fiat, испрати електронски писма и постави постери во неколку свои фабрики, за работниците да ги убеди да седнат зад волан и да возат камион. Околу 140 работници, главно во Франција, Шпанија и Италија, веќе се согласија да го сменат своето работно место, објави компанијата.
Во меѓувреме и соперничкиот Renault започна обука, за своите работници да ги ангажира како возачи на камиони, преку агенцијата за вработување Adecco Group. Со новостекнатата дозвола за управување камион, тие ќе ги превезуваат произведените автомобили од фабриките до дилерствата на француската марка.
Stellantis ја плаќа обуката и трошоците што се потребни за стекнување возачка дозвола за камион и на вработените им го олеснува преоѓањето на новото работно место. Производителот на автомобили исто така размислува да купи сопствени камиони, за да го надмине тесното грло во логистиката. Конечна одлука уште не е донесена.
Недостигот од возачи на камиони, кон крајот на минатата година остави во чекање илјадници автомобили произведени во фабриката на Stellantis во Сошо, на истокот на Франција. Компанијата ги паркираше возилата на напуштениот аеродром во близина на фабриката.
Со истите проблеми се соочи и Volkswagen, со што најголемиот производител на автомобили во Европа беше оневозможен произведените возила да ги испорача до сопствениците.
Renault во билансот за минатата година што го објави во минатиот месец ги наведе и проблемите со логистиката.
Голем број возачи на камиони во Европа се Украинци, кои се недостапни откако почна војната во земјата. Со тоа уште повеќе се продлабочија проблемите што веќе ги предизвика пандемијата, исто како и недостигот од микрочипови за автоиндустријата.
Префрлувањето на новите работни места во Stellantis ќе биде од привремен карактер и работниците ќе можат потоа да се вратат на своите работни места.
Stellantis испробува и нови начини за автомобилите да ги достави до клиентите. Дилерите, на пример, може сами да дојдат до плацевите и да ги преземат возилата.
















