Audi може да искористи 85 проценти од челикот од старите автомобили

Повеќе од 60 проценти од алуминиумот и повеќе од 85 проценти од челикот во старите автомобили од Audi ќе може во иднина да се искористи како материјал во новите автомобили. Тоа отвора широк пазар за баварската премиум марка.

Проектот „MaterialLoop“ вклучува 15 партнери, меѓу кои има добавувачи на марката од Инголштат, како и компании за рециклирање. Во рамките на проектот, од октомври лани се расклопени 100 стари автомобили од Audi. Тоа се главно автомобили што биле користени за тестирање од самиот производител.

Деловите од старите автомобили се групирале, раситнувале, сортирале, а потоа материјалите се доставувале назад до добавувачите, за материјалите да се искористат повторно.

Од рециклираните материјали ќе се изработуваат внатрешни компоненти во вратите

Експертите за набавка во Audi дошле до сознание дека на овој начин може повторно да се искористат повеќе од 85 проценти од челикот што е вграден во старите автомобили, како и повеќе од 60 проценти од вградениот алуминиум.

Намерата е овие суровини да се искористат за изработка на внатрешни компоненти во вратите на околу 15.000 примероци од Audi A4 од сериско производство, од фабриката во Инголштат.

Од рециклираниот и претопен челик се изработени шест индустриски намотки со 12 проценти учество на секундарниот материјал од MaterialLoop. Шефот Едер најавува, „сега ќе ги провериме резултатите и потоа ќе донесеме следни заклучоци.“

Ветувачки напредок има и кај пластиката и стаклото. Првиот човек на марката Audi, Маркус Дусман, порача во соопштението, „нашата цел е да вратиме колку е можно повеќе материјали со висок квалитет, за тие да може да се искористат повторно во нашето производство. На тој начин се заштедуваат скапи примарни материјали и може да се смали еколошкиот отпечаток на производите.“ Уште една предност е тоа што производителот има директен пристап до секундарните суровини, што со себе носи и поголема сигурност дека ќе има доволно материјал за производството на автомобили.

Следен чекор е тестирање

Во моментов се разгледува како Audi ќе постапува со сознанијата од проектот. Следен чекор е проверка дали затворениот круг на материјали има економска исплатливост за 15-те партнери во проектот и за самиот Audi. Се размислува концептот да се примени и кај останатите марки во концернот.

Претходна објаваЕУ се бори да ја спаси забраната за мотори, откако Германија се закани со блокада
Следна објаваPeugeot 3008 уште пред десет години возеше со хибрид и погон на сите тркала

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here