Вработените во фабриките на Bosch во Германија, гигант меѓу добавувачите на автомобилската индустрија, негодуваат за одлуката на раководството на компанијата, новите фабрики да се градат во Источна Европа. Тие сакаат да разговараат за својата иднина.
Во десет фабрики на огранокот „Powertrain Solutions“ на Bosch во Германија, којшто вработува околу 27.000 лица, денес се одржа работички собир. На настанот присуствуваа 17.500 лица, од коишто дел беа собрани во фабричките хали, додека дел ги следеше протестите преку видео врска. Тоа кажува доволно за големото незадоволство што владее кај германскиот добавувач за автомобилската индустрија. Од синдикатот порачуваат дека „сакаме да имаме слика за иднината на фабриките, а не само да бидеме соочувани со решенија“.
Причина за мобилизацијата е пресвртницата во стратетијата на менаџментот, којашто може да остави тешки последици врз вработеноста во Германија. Според работничкиот совет, сите важни компоненти за електричниот погон, како што се електричните оски, цели електромотори, роторите и статорите, ќе се произведуваат во Источна Европа.
Според информациите на германските медиуми, станува збор за локација во Чешка, којашто е дел од европската производствена мрежа. Се вложува во изградба на фабрички хали со површина од 40.000 метри квадратни. Тоа соодветствува приближно со површината на фабриката на Bosch во Фоербах, во близина на Штутгарт, каде што работат 13.000 лица.
Додека на фабриката во Чешка ѝ претстои светла иднина, во германските фабрики се добива друга слика. Дел од нив сепак се вклучени во производство на идна погонска технологија, како што се горивни ќелии, што се клучен дел за водородниот погон. Меѓутоа, работниците стравуваат дека со тоа се покрива само мал дел од работните места што ќе се затвораат поради престанокот со производство на делови од мотори со внатрешно согорување.
















