за

Audi против Tesla, почна трката

Tesla во текот на 2023 година ќе се приближи опасно до Audi, па дури е можно и да го престигне во продажбата. Шефот нареди моделска офанзива.

Трката меѓу Audi и Tesla почна, и тоа ќе биде еден од највозбудливите пазарни натпревари за следење годинава. Audi во 2026 година ќе престане со развој на нови модели со мотор со внатрешно согорување. Тоа значи дека по три години, техничарите ќе конструираат единствено модели со електричен погон. Исто како Tesla.

Audi се спротивставува на амбициозните планови за напредок на Tesla и поставува големи цели. „Штотуку отпочнуваме со најголемата офанзива со модели во историјата на Audi“, изјави шефот Маркус Дусман во интервју за дневникот „Франкфуртер Алгемајнен“. Во 2024 година, Audi ќе пушти во продажба десет нови модели.

На Audi итно му е потребна офанзива, откако во последно време станаа многу гласни критиките дека на премиум марката ѝ недостигаат модели во понудата. Дусман ја опишува моменталната ситуација како „затишје пред бурата“.

Двата германски конкуренти од премиум сегментот, Mercedes и BMW, веќе одамна се издвоија напред со продажбата. Сега од назад се приближува Tesla, со голема брзина.

До 2030 година, марката од Инголштат треба да ја качи продажбата на три милиони возила годишно. Продажбата во моментов заостанува. Лани беа продадени 1,61 милион возила. Тоа значи дека целта е продажбата во рок од седум години да се зголеми за близу двапати.

Tesla лани продаде 1,37 милион возила. Агресивниот американски пионер во електромобилноста постигнува раст меѓу 40 и 50 проценти на годишно ниво. Покрај тоа, шефот на Tesla, Илон Маск, во почетокот на годината ја засили продажбата со намалени цени за возилата. Model Y ги урива сите рекорди. Побарувачката никогаш не била поголема. Во моментов Tesla добива речиси двапати повеќе нарачки, отколку што може да произведе.

Маск кон крајот на јануари најави дека Tesla за годинава си поставила цел да испорача 1,8 милион нови автомобили. Тоа одговара на раст од 40 проценти. „Ако сé мине добро, би можеле да постигнеме и два милиони автомобили“, коментираше шефот.

Тоа значи дека Tesla во 2023 година првпат ќе го престигне Audi со бројот на продадени возила

Меѓутоа, секако дека Audi нема да мирува за сето тоа време. Audi ја стартува моделската офанзива, со којашто возвраќа на конкуренцијата. Меѓу новитетите се наоѓаат и нови електрични автомобили, како што е Q6 e-tron, којшто му парира на Model Y. Двете марки ќе се поклопуваат и со електричните лимузини. „Во следните две години ќе пуштиме повеќе од дваесет модели, од кои половината се целосно електрични“, најавува Дусман.

За разлика од Tesla, премиум посестринската марка на Volkswagen не планира да ги спушта цените на своите електрични модели. „Тоа не е вистинскиот пат, со цените постојано да се оди горе долу“, изјави шефот на Audi за Европа, Јенс Путфаркен во интервју за германски медиум. „Некои конкуренти не прават само едноставно спуштање на цените, туку и многу варираат со цените“. Како премиум производител, Audi повеќе сака да ужива доверба меѓу своите клиенти.

Audi има шанси да ја претрка Tesla ако новите модели се докажат како успешни. Конкурентот Tesla во основа функционира со само два модели, коишто се продаваат одлично. Компанијата располага со вкупно четири модели во својата понуда. Но, многу модели се во најава „Tesla сега мора да почне да ги исполнува ветувањата“, порачуваат автомобилските експерти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На германските работници не им се допаѓа што Bosch отвора фабрика во Источна Европа

Февруарската продажба на Kia напредувала за близу 15 проценти