Наследникот на SLS AMG доаѓа наесен. Mercedes GT цели скалило подолу и ќе направи фасцинацијата на спортските болиди со сребрена ѕвезда да биде достапна за повеќемина. За старт, слики од кокпитот.
Откако SLS AMG ја светна ѕвездата на Mercedes меѓу најспособните спортски болиди на светов, ред е истото да го направи и вториот спортски модел што е развиен комплетно во AMG. За почеток, Mercedes објави само две фотографии од кокпитот на идниот GT, но и тоа е сосема доволно да стане јасно дека станува збор за уште еден чистокрвен спортист.
Дизајнерите ги толкуваат автентичните материјали и храбро изведените детали во кокпитот како „модерен луксуз“. Основната инспирација за дизајнот доаѓа од аеронаутиката, исто како и во секоја претходна генерација на суперспортски модели на Mercedes. Водењето на линиите ја нагласува ширината на таблата и потсеќа на крила, а во средината се четирите тркалезни отвори за воздух.
Доминантната средишна конзола, со формите и материјалите изгледа како директно да е преземена од тркачки болид. Посебен момент се осумте тркалезни прекинувачи во конзолата што се поставени во V и асоцираат на моторот V8 во носот на Mercedes GT. Овие осум копчиња се дел од новиот концепт на ракување што Mercedes го нарекува AMG Drive Unit. На левата страна се копче за контрола на програмите за возење (со позиции C за комфор, S и S+ за спорт, Race за возење со исклучени контролни системи и I за програма по желба на возачот), потоа копче за палење, за исклучување на контролата на стабилност и за местење на тврдоста на амортизерите, додека од десната страна се копче за силината на радиото, копче за вклучување мануелна команда на менувачот, копче за исклучување на системот старт-стоп и копче за менување на звукот на издувниот систем. Во просторот меѓу двата реда копчиња се рачката на автоматскиот менувач, а пред неа модулот на централниот контролер.






















