Fiat годинава ќе пушти два нови електрични модели

Fiat мајсторски го води традиционалниот бизнис на пазарите во Јужна Америка, каде што постојано лансира нови модели. Во Европа, продажбата се заснова врз 500 и Panda. Иконскиот „чинквеченто“ во меѓувреме е големо име на пазарот на батериски електрични автомобили. Потврдено е дека годинава ќе се приклучат уште два нови модели со погон на струја.

При објавувањето на финансиските резултати за 2022 година, менаџментот на Stellantis спомна без голема најава, дека Fiat за годинава има планирано два нови електрични модели во својата агенда.

Во втората половина од годината, според најавите на концернот, италијанската марка ќе додаде уште два целосно електрични модели во својата понуда. Не беше посочено кои се точно тие модели, така што останува само да се нагаѓа.

Можно е едниот од нив да е сестринскиот модел на Jeep Avenger, којшто исто така треба да стартува со продажба наскоро. СУВ-моделот од сегментот на градските автомобили воедно ја дели техниката со Peugeot 2008 и Opel Mokka. Се претпоставува дека Fiat ќе ја користи историската ознака 600 за новиот модел.

Извесно е дека и кај новиот СУВ-модел на Fiat ќе се следи примерот од Jeep Avenger, којшто ќе се нуди паралелно со Jeep Renegade, иако во поглед на големината, тоа се два мошне слични автомобили. Тоа значи дека идниот Fiat 600 ќе се нуди заедно со Fiat 500X, до истекот на продукцискиот период за вториов.

Станува збор за две различни платформи, едната на PSA Group, другата на Fiat Chrysler. Платформата на Французите сепак е предвидена и за модели со чисто електричен погон (Peugeot e-2008, Opel Mokka Electric), со што се објаснува паралелното постоење на двата модели. Итало-американската платформа, пак, има предност во тоа што нуди погон на сите тркала (Fiat 500X, Jeep Renegade).

За вториот модел е мошне веројатно дека тоа ќе биде Topolino, уште еден модел со големо име од историјата на Fiat. Тоа ќе биде варијанта на лесниот квадрицикл Citroen Ami и Opel Rocks-e. Возилото е наменето чисто за градска примена и наиде на одлична прифатеност, во дел поради стилот, во дел поради цената, којашто изнесува околу 7.000 евра.

Fiat Centoventi

За електричниот модел што ќе го пополни местото на легендарниот Punto (Uno, 127, 850), уште е рано. Во Торино се работи и на сосем нова генерација на Panda, којашто секако ќе користи електричен погон. Во меѓувреме напредува фабриката во српски Крагуевац, каде што кон завршетокот на 2024 година ќе стартува производството на нов електричен модел, иако засега уште се нагаѓа дали тоа ќе биде електричната Panda, или сепак, тоа ќе биде наследникот на Punto. Уште еден голем новитет ќе вози на струја, електричен наследник на Tipo, иако неговиот датум на појавување е 2025 година.

Претходна објаваСалонот се претвора во диско: Audi прави забава со слушалки
Следна објаваАмериканските возачки и возачи најсреќни со BMW

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here