Toyota и Honda го одобрија највисокото покачување на платите во последните децении, како први знаци за динамиката што се води во годишните преговори за платите, додека јапонската централна банка бара докази за движењето на циклусот на плата-цена, што понатаму би довело до промена во политиката.
Според денешното соопштение од работничките синдикати, Toyota го одобрила најголемото зголемување на платите во последните две децении. Најголемиот производител на автомобили во светот посочува дека спогодбата била постигната уште во првиот круг преговори. Не се наведува колкав е процентот на зголемување на платите.
Во меѓувреме и Honda објави дека ќе ги покачи платите за 5 проценти, што е најголемо покачување на основицата на платата во последните близу 30 години.
Овие почетни чекори на големите компании претставуваат сигурен знак дека почнува трендот на покачување на платите, додека највисоката инфлација во последните повеќе од четири децении ја намалува куповната моќ на домаќинствата.
Големите покачувања кај овие клучни чинители во јапонското стопанство би можеле да создадат протисок и врз останатите компании, да исплатат поголемо покачување од вообичаеното.
Платите станаа главна тема во земјата, откако Банката на Јапонија посочи дека мора да се постигне поголем раст во платите, за трендот на поскапувања да биде одржлив. Банката предвидува инфлација од 2 проценти, но дури и покрај поскапувањата на основните трошоци за 4 проценти, централната банка останува обврзана да води масивна програма за стимулирање, сé додека и платите не почнат да се зголемуваат соодветно.
Банката оценува дека покачување на платите за 3 проценти е неопходно за инфлацијата да се одржува на 2 проценти.
Ова е трета година во низа, Toyota да ги исполнува барањата на работничкиот синдикат во целост. Покрај основицата, производителот на автомобили ќе ги зголеми и бонусите.
A press conference on February 13 focused on the direction to be taken by Toyota's new management team, allowing each member to outline their vision before reporters.#ToyotaTimes #KojiSato #MobilityCompany #MakeEverBetterCars #BatteryElectricVehicle #BEVhttps://t.co/MipW60C9q2 pic.twitter.com/h9n4WxnYKO
— Toyota Motor Corp. (@ToyotaMotorCorp) February 17, 2023
Toyota честопати е прва меѓу јапонските компании, што го објавува исходот од годишните преговори за плата со синдикатите.Компанијата објави дека бонусите за годинава ќе изнесуваат 6,7 проценти од месечната плата.
Покачувањето на платите во Honda ќе се движи до 19.000 јени во месечната плата, што одговара на околу 132 евра.
Производителот посочи и дека при зголемувањето на платите ќе им се даде предимство на помладите вработени, што повеќе се погодени од инфлацијата.
















