Концернот на Peugeot и Fiat објави дека ќе изврши откуп на сопствените акции во вкупна висина од 1,5 милијарда евра. Со тоа Stellantis го следи чекорот на премиум производителите Mercedes-Benz и BMW, со враќањето готовина на своите акционери. Концернот постигна одлични финансиски резултати во 2022 година, преку добра застапеност на поскапите модели во продажбата, како и со зголемената побарувачка.
Stellantis очекува уште една година со двоцифрена добивка, додека се стабилизираат цените, попуштаат стегите околу недоволното производство на микрочипови и продукцијата повторно расте. Оперативната добивка на концернот се зголемила на 13 проценти во минатата година, што е над очекувањата.
„Во 2022 година имавме значителни зголемувања на цените, и тие ќе бидат забавени во 2023 година,“ најави директорот за финансии Ричард Палмер на видео-конференцијата со новинарите. „Предизвикот во 2023 година е да се надмине ценовната инфлација, но исто така и да се подобри ефикасноста во индустријата.“
Групацијата што е создадена со соединувањето на Fiat Chrysler и PSA Group, најави дека ќе исплати дивиденда во висина од 1,34 евро по акција, наспроти 1,04 евро во минатата година.
Откупот на сопствените акции ќе се одвива до завршетокот на годината.
Добивката се намали во втората половина од 2022 година, во споредба со првото полугодие, што беше причинето од проблемите во синџирот за набавка. Неоданочената добивка изнесува 10,95 милијарди евра во периодот од јули до декември. Маржата во втората половина изнесуваше 12 проценти, помалку во споредба со 14,1 проценти во првите шест месеци.
Stellantis објави дека сите региони бележат раст и постигнуваат рекордна профитабилност, вклучувајќи ја Европа
Палмер посочи дека испораките на возила на ниво на групацијата, во минатата година имале пад од 2 проценти. Како главна причина за тоа се наведуваат проблемите околу испораката на делови и материјали од добавувачите, главно микрочипови, како и проблемите во логистиката, првенствено во Европа.
„Предизвикот и натаму е да се обезбеди капацитет, за возилата да се транспортираат (до клиентите)“, вели Палмер. „Микрочиповите остануваат проблем, но не можам да тврдам дека ситуацијата целосно ќе биде надмината во 2023 година,“, изјави директорот за финансии.
#Stellantis delivers record Full Year 2022 results. Global #BEV sales are up 41% and the execution of the #StellantisDareForward 2030 strategic plan is progressing fast: https://t.co/lPJVrg27bm pic.twitter.com/UR4gHzNPkS
— Stellantis (@Stellantis) February 22, 2023
Stellantis објави дека досега постигнале парична синергија во висина од 7,1 милијарди евра. Тоа значи дека концернот, две години пред поставениот рок, ја достигна целта, да постигнува заштеда од 5 милијарди евра на годишна основа.
Производителите на автомобили и натаму се соочуваат со проблеми да обезбедат доволно делови, а на тоа се надоврзуват и потешкотиите во логистиката, коишто оневозможуваат возилата да им бидат испорачани навреме на клиентите. Недостигот од камиони и возови во втората половина од годината, остави илјадници автомобили да мируваат во фабриката на Stellatis во Сошо, на истокот на Франција. Volkswagen исто така пријави дека проблемите во логистиката довеле до тоа голем број возила да останат непродадени.
Потешкотиите за возилата да се достават до купувачите се уште еден чинител, што придонесува за дополнување на веќе дебелите книги со нарачки, додека светската економија во исто време забавува.
















