Италијански министер вели дека забраната за мотори во ЕУ е подарок за Кина

Пресвртница околу третото поколение на Фиат 500, што требаше да вози само електрично. Можно е Торино да го понуди култниот модел и како бензинец.

Италија се противи сé погласно за плановите на Европа да ја прекине продажбата на нови автомобили со бензински или дизел мотор за 12 години отсега. Министерот за транспорт Матео Салвини цени дека брзото префрлување на електрични возила е „самоубиство“, односно е „подарок“ за кинеските производители.

Законите што Европскиот Парламент ги одобри во вторникот бараат производителите на автомобили да постигнат 100-процентно скусување на емисијата на СО2 од новите продадени автомобили. Со тоа се оневозможува продажбата на возила со погон со фосилни горива, во 27-те држави членки на Унијата.

Планот предизвика големо негодување во Италија, дом на марки од рангот на Fiat, Ferrari и Alfa Romeo, каде што автомобилската индустрија уште е посветена главно на моторите со внатрешно согорување.

„Сите се грижиме за водата, квалитетот на воздухот и за почиста животна средина… но, тоа не значи дека треба да се отпуштат милиони работници и да се затворат илјадници бизниси,“ изјави Салвини, кој ја води десничарската партија Лега.

„Идеолошкиот фундаментализам што се повикува само на електричната енергија е самоубиство и подарок е за Кина“, додава тој.

Салвини, кој исто така има функција на заменик премиер, вели дека е потребно повеќе време и повеќе средства, за да се обезбеди мека транзиција.

Министерот за надворешни работи Антонио Тајани претходно посочи дека Рим ќе бара целите да се ублажат.

„Италија ќе настапи со свој противпредлог: за намалувањето да се ограничи на 90 проценти, со што на индустријата ќе ѝ се даде шанса да се приспособи“, кажа Тајани во изјава што потоа беше објавена во дневникот Кориере дела Сера.

Домашната автомобилска индустрија во Италија вработува директно или индиректно повеќе од 270.000 лица и учествува со повеќе од 5 проценти во бруто домашниот производ на земјата.

Продажбата на целосно електрични автомобили во Италија се намали за 27 проценти во минатата година, а нивниот удел во вкупниот пазар изнесува само 3,7 проценти.

Државите членки на ЕУ во октомври лани постигнаа договор да се забранат моторите со внатрешно согорување, но останува извесен период додека законите стапат на сила. Конечното одобрување се очекува веќе во март.

Претходна објаваKia Македонија напролет почнува со електрификација на понудата од модели
Следна објаваОдличната продажба на S-Class му донесе голема заработка на Mercedes-Benz

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here