Одличната продажба на S-Class му донесе голема заработка на Mercedes-Benz

Mercedes S-Class Најважните бројки и факти

Добивката на групацијата Mercedes-Benz во минатата година се зголеми за дури 28 проценти и достигна 20,5 милијарди евра. Соодветно и прометот беше зголемен за 12 проценти.

Чистиот поврат од продажбата на патничките автомобили на Mercedes-Benz изнесува 14,6 проценти. Тоа е точно во предвидената рамка меѓу 13 и 15 проценти, повеќе во споредба со 2021 година, кога повратот изнесуваше 13,1 проценти.

Штутгартскиот производител за годинава сепак предвидува понизок чист поврат од продажбата на своите патнички автомобили, којшто се очекува да се движи меѓу 12 и 14 проценти. За добивката се предвидува малку пониска вредност во споредба со лани, дури и покрај очекувањата дека бројот на продадени автомобили во 2023 година ќе биде на исто ниво со лани.

Новите нарачки од салоните во Европа пристигааa забавено, а исто и продажбата на кинескиот пазар не напредуваше со вообичаеното темпо, поради ограничувањата околу ковид. Компанијата наведува дека побарувачката за возилата на Mercedes-Benz во САД и натаму е на високо ниво.

Посебно зголемување во продажбата лани постигнаа моделските серии од врвот на понудата, односно S-Class и електричниот крстосувач EQS. Тоа му помогна на германскиот производител на автомобили за полесно да се справи со растечките трошоци.

Светската продажба на патничките автомобили на Mercedes-Benz Cars (не вклучувајќи ги доставните возила на Mercedes-Benz Vans) достигна 2,05 милиони примероци. Целосно електрични се 149.227 продадени возила од марките Mercedes и Smart.

Добивката во последниот квартал лани изнесуваше 5,4 милијарди евра.

Mercedes во четвртокот се обврза до 2025 година да откупи акции во вкупна вредност до 4 милијарди евра. Во финансискиот извештај е објавен проток на готовина во висина од 9,29 милијарди евра, што е за 8 проценти под вредноста во 2021 година.

Штутгарт ќе предложи дивиденда во висина од 5,20 евра по акција, повеќе од петте евра преклани, што значи дека вкупната исплата ќе изнесува 5,6 милијарди евра.

Огранокот за лесни товарни возила, со својата широка понуда од модели, почнувајќи од Citan, до луксузниот V-Class, продал 415.344 возила, или за 8 проценти повеќе од 2021 година. Со целосно електричен погон се 15.000 возила, од кои две третини се комерцијални возила.

Претходна објаваИталијански министер вели дека забраната за мотори во ЕУ е подарок за Кина
Следна објаваЕлектричниот Volkswagen Tiguan ќе има различен дизајн од ID-моделите

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here