
Холдингот Geely, најголем производител на автомобили во приватна сопственост во Кина и сопственик на марки од ковот на Volvo и Lotus, потпиша спогодба со полскиот производител на електрични автомобили ElectroMobility Poland, за техниката да Geely да се користи за возилата на полската марка Izera.
Платформата за електрични автомобили SEA (Sustainable Experience Architecture), што кинескиот холдинг Geely ја има развиено за возилата за своите марки, во иднина ќе ја користи и полската компанија за производство на електрични автомобили ElectroMobility Poland (EMP), којашто е под закрила на владата на Полска. Холдингот Geely ќе биде воедно и технолошки партнер на EMP, за првата серија возила што ќе биде пуштена во продажба под марката Izera.
EMP претставува сериозен проект на полските власти, за земјата да фати чекор во електромобилноста и да им парира на соседите, Словачка и Чешка, како влијателни чинители на автомобилската сцена. Компанијата планира да развие цела гама од електрични модели за својата марка Izera, користејќи ја платформата SEA на Geely.
Првиот електрчен модел на Полјаците е сосем извесно дека ќе биде СУВ од компакт класата. EMP најави уште два модели, комби од Ц-сегментот и комбилимузина. Кинескиот Geely ја лансираше платформата SEA во септември 2020 година. Таа се претставува како најприспособлива и најнапредна платформа што е наменета единствено за електрични автомобили. Платформата опфаќа и софтвер, хардвер, како и поширок дигитален екосистем.
View this post on Instagram
Полската Izera е прва марка што ќе ја користи платформата на Geely, а не спаѓа во холдингот. Првите возила со платформата SEA веќе се на пат кон своите сопственици, станува збор за возила од премиум марките Zeekr и smart (марката сега е партнерство меѓу Mercedes-Benz и Geely).
Фабриката во којашто ќе се произведуваат возилата се наоѓа во Јавожно, во регионот Шлезија. Во фабриката се вработени 2.400 лица.















