Toyota развива нова генерација на штедливи бензинци

Јапонската корпорација ќе претстави вкупно 14 варијанти од новата генерација мотори до 2015 година. Моторите ќе се користат во претстојните освежувања на постоечките модели.

Подобреното искористување на енергијата од согорувањето на горивото е главниот белег на новата генерација бензински мотори на Toyota. Со оптимирање на процесот на согорување и намалување на внатрешните отпори, потрошувачката на новите бензинци ќе се смали за најмалку 10 проценти во споредба со постоечките мотори. Техничарите ги искористија искуствата од моторите што марката ги користи во своите хибридни модели.

Еден од моторите е 1,3-литарскиот бензинец, кој ќе премине на еткинсонов циклус на работа, истиот што се користи и во бензинските моторите во хибридите. Основата на еткинсоновиот циклус се состои во зголемување на степенот на експанзија и намалување на топлинските загуби преку зголемениот степен на компресија (13,5:1). Меѓу другите подобрувања спаѓа примена на вшмукувачки канали со нова форма што предизвикува посилно вртложење на смешата за согорување, како и разладувана рециркулација на издувните гасови во комбинација со новата технологија VVT-iE (од Variable Valve Timing-intelligent Electric VVT-iE, односно интелигентна електрична контрола на работата на вентилите). Како резултат од тоа, новиот 1,3-литарец ќе постигнува максимална термална ефикасност од 38 проценти, што е врвна вредност меѓу моторите од сериско производство. Во комбинација со систем старт-стоп и повраток на енергијата при сопирање, моторот ќе троши околу 15 проценти помалку од актуелната генерација.

Паралелно се развива и еднолитарски мотор во соработка со Daihatsu, кој достигна термална ефикасност од 37 проценти, со сличен дизајн на вшмукувачките канали, разладуван систем ЕГР и висок степен на компресија. Потрошувачката на гориво на овој мотор е намалена до 30 проценти.

Претходна објаваНов автомобил е поевтин од една година користен автомобил според What Car
Следна објаваИ Renault Captur ќе пушти нога за фестивалот на танцот во Скопје

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here