Според анализата на британскиот магазин, поевтино е да се купи и користи нов автомобил отколку автомобил што е користен една година. Поволните кредити дополнително придонесуваат за тоа.
Во минатата година во Британија се продадоа највеќе возила во минатата декада. Магазинот What Car направи анализа на условите на пазарот заради утврдување на причините за позитивниот тренд на автомобилскиот пазар, во време кога продажбата на возила уште е во стагнација во голем број држави во Европа.
Повеќето возачи претпоставуваат дека новите автомобили секогаш се поскапи и губат многу од вредноста уште откако ќе го минат прагот на салонот, па се решаваат за користен автомобил. Истражувањето на What Car покажува дека тоа не е точно. Поволните услови на финансирање и кредитите со ниска камата што ги нудат производителите и дилерите на британскиот пазар придонесоа купувањето на нов автомобил во повеќето случаи да претставува поевтина алтернатива отколку купувањето автомобил од втора рака.
Во студијата беа земени во предвид учеството, месечните рати, акцизата, осигурувањето и регистрацијата, како и стапката на амортизација на возилото. Таа покажа дека поседувањето користен автомобил е поскапо во половината од разгледуваните пазарни понуди.
За пример, нова Skoda Citigo купена за 9.490 фунти, би го чинела сопственикот 5.029 фунти во период од три и пол години. Една година стар примерок од истиот модел со цена од 8.598 фунти, во истиот период би го чинела сопственикот 6.246 фунти. Според тоа, новиот автомобил заштедува 1.217 фунти, односно 1.473 евра. Ист е случајот и со Citroen C4 Picasso, со трошоци во вкупна висина од 12.850 фунти за период од три и пол години и за нов автомобил, наспроти 13.436 фунти за користен автомобил во истиот период.
Уредничката Ема Бучер смета дека истражувањето на магазинот „целосно ги побива традиционалните убедувања околу купувањето автомобил.“ Бучер објаснува кристално јасно: „Не бидете секогаш убедени дека купувањето користен автомобил е најевтиното решение. Комбинацијата од кредити со ниска камата и попустите на производителите на автомобили може да направи купувањето нов автомобил да претставува подобар избор. Завршете ја вашата домашна задача и бидете изненадени.“
Заклучните податоци произлезени од анализата на What Car
| Модел | Вкупно трошоци за нов автомобил | Вкупно трошоци за користен автомобил | Период на анализа | Заштеда |
| Skoda Citigo 1.0 60 Greentech SE | £5029 | £6246 | 42 месеци | £1217 |
| MINI Cooper 1.5/1.6 | £9000 | £9779 | 36 месеци | £779 |
| Citroen C4 Picasso 1.6 e-HDi 115 Exclusive | £12,850 | £13,436 | 48 месеци | £586 |
| Opel Insignia 2.0 CDTi 140 Limited Edition | £16,720 | £15,357 | 60 месеци | £1363 |
| Hyundai Santa Fe 2.2 CRDi Style 4WD | £16,120 | £15,423 | 36 месеци | £697 |
| Volkswagen Golf 1.4 TSI 122 SE | £11,802 | £8956 | 36 месеци | £2846 |
Истражувањето на What Car се базира на оперативен кредит, со одредена висина на учество и отплата на рати во период од три или четири години. По завршувањето на тој период, купувачите имаат можност да го купат возилото по актуелната цена или да го продолжат договорот заменувајќи го старото возило со ново за период од уште три или четири години.
Оперативниот кредит не е секогаш поевтино решение. Во случајот на VW Golf 1.4 TSI 122 SE може се да заштедат 2.846 фунти во период од три години при купување една година стар автомобил, откако ќе се земат во предвид сите трошоци околу финансирањето.
Колку анализата на Британците може да ни послужи за македонскиот пазар? Малку, но сосема доволно да ни стави на знаење дека отсуството на поволни услови на финансирање или барем субвенционирање на продажбата на одредена категорија автомобили е тоа што условува поголемиот дел од возачите и натаму да се решаваат за купување користен автомобил. Тоа е проблем со којшто ќе мора да се соочи државата.
















