Индиската фабрика на Ford во Сананд, наскоро треба да премине во сопственост на Tata Motors. Домашниот производител ги презема земјиштето и објектите, фабриката за производство на возила и комплетната работна сила.
Електричните патнички и комерцијални возила на Tata Motors постигнаа огромен напредок во продажбата на индискиот пазар во последните две години. Како одговор на високата побарувачка за овие возила, Индијците во следните години планираат да ја зголемат понудата од модели, вклучувајќи масивно вложување во електричниот погон. За таа цел да се постигне, на Tata Motors секако дека ќе им бидат потребни и дополнителни производствени капацитети.
Фабриката за производство на возила на Ford во Индија се вбројува меѓу технолошки најнапредните автомобилски фабрики во земјата. Tata Motors ќе вложи во нови машини и алати, за во фабриката да ги произведува сопствените електрични возила. Со планираната инвестиција, капацитетот за производство ќе се зголеми на 300.000 возила годишно. Во случај на уште поголема побарувачка за електричните возила, Tata Motors ќе може брзо да ја зголеми продукцијата во Сананд на повеќе од 400.000 возила годишно.
Gujarat: Tata Motors To Take Over Ford's Manufacturing Plant In Sanandhttps://t.co/ArafbJiBCy
— Swarajya (@SwarajyaMag) May 30, 2022
Префрлувањето на сопственоста и отпочнувањето со производство на сопствените модели на Tata Motors се предвидува дека ќе се случи во временска рамка од само неколку месеци. Фабриката на Ford во Сананд се наоѓа во непосредна близина на халите во коишто произведува огранокот за електрични возила на Tata Motors.
Tata Motors е присутна во Индија, Велика Британија, Јужна Кореја, Тајланд, Јужна Африка и Индонезија. Светската мрежа на индискиот гигант опфаќа 103 подружници, 11 асоцијации, 4 заеднички инвестиции и 2 заеднички фабрики. Tata продава во Африка, Средниот Исток, Јужна и Југоисточна Азија, Австралија, Јужна Америка, Русија и во голем број држави и региони ширум светот.
















