Маслото во менувачот исто така старее со текот на времето и губи од својствата, поради што е потребно да се замени. Во спротивно, постои опасност од оштетување на менувачот, а таа штета ќе чини многу поскапо, отколку една обична проверка во сервисна работилница, дали е дојдено времето за менувачот да добие ново масло.
Откако маслото во менувачот ќе се наполни во фабриката, производителите обично предвидуваат дека тоа ќе остане во целиот рок на експлоатација на автомобилот. Само во ретки случаи се предвидува интервал во којшто треба да се изврши замена на маслото во менувачот. Исто како со моторното масло, тоа со текот на времето се заситува со честичките од абењето на деловите и со тоа слабее неговата способност за подмачкување. Доколку маслото не се смени во тој случај, можно е да се оштети менувачот. Тоа значи дека штетата може да биде неспоредливо поскапа отколку обична замена на маслото.
Менувачкото масло има иста функција, како моторното масло. Тоа служи за подмачкување на запчениците, чијшто запци со врвна прецизност зафаќаат едно во друго. Со маслото се смалува абењето. Дополнително, маслото има задача да лади и да чисти. Маслото ги собира најситните честички од абењето и ги пренесува до филтерот. На тој начин се спречува честичките да предизвикуваат зголемено абење. Како што маслото старее, тоа почнува да се презаситува со честички, а со тоа ги губи и својствата.
Кои знаци укажуваат дека маслото во менувачот е презаситено?
- Менувањето на степените на пренос е отежнато и преносот на силата се воспоставува забавено.
- Движењето на рачката на менувачот повеќе не е толку прецизно. Тоа се забележува најдобро во првиот или во вториот степен. Проблемот посебно доаѓа до израз кога маслото уште е незагреано.
- Кај автоматските менувачи исто така може да се појави потскокнување при менувањето степен.
- Се слуша тропкање или чкрипење при примената на степен.
- Дамки од масло под менувачот покажуваат дека протекува масло. Мора да се дополни масло и по потреба да се изврши поправка.
Производителите обично наведуваат дека маслото во менувачот не треба да се менува во векот на експлоатацијата на автомобилот. Но, тој век, обично изнесува 150.000 до 180.000 километри. Во временски рамки, тоа се осум до десет години. Доколку маслото се смени во овој интервал, може да се очекува дека менувачот ќе трае уште долги години и километри. Нечистото масло доведува и до зголемено абење, а тоа води кон прегревање, како уште еден извор за можно оштетување на менувачот.
На колку време треба да се менува маслото во менувачот?
За разлика од моторното масло, менувачкото масло може во целиот век на автомбилот да се замени само неколкупати. Производителите обично не наведуваат рок за менување на ова масло, меѓутоа заради предострожност, може да се земе интервал на замена на менувачкото масло на секои 80.000 до 100.000 километри, односно шест до осум години.
Секако дека интервалите зависат од моделот, но зависат и од начинот на возење и користење на автомобилот. Доколку се вози поспортски, тогаш секако дека треба да се смета и на порана замена на маслото во менувачот. Исто и честото возење на куси растојанија е штетно за маслото во менувачот.
Некои менувачи можат да поминат и по 120.000 километри со истото масло, додека други се целосно извалкани по само 60.000 километри. Затоа треба да се има предвид дека и маслото во менувачот се менува, па соодветно да се побара проверка во сервисна работилница, дали веќе е дојдено време за менување. Во рамките на обемот за редовен сервисен преглед, обично се наведува и проверка дали менувачот пропушта масло, меѓутоа честопати се случува тие стандардни зафати да се прескокнат.
Постои разлика меѓу промена на масло во менувачот и чистење на менувачот
При менување масло, истото се испушта преку чепот и се полни ново масло. Кај автоматските менувачи, процедурата е малку посложена, затоа што во менувачот останува извесна количина од старото масло и нечистотија, што се собира во филтерот или во ладилникот за масло. Затоа, кај овие менувачи обично се практикува и чистење. Старото масло се потиснува под притисок. Потоа, додека моторот работи, низ менувачот се пушта свежо масло и адитиви за чистење. Тоа се врши сé додека не се добие чисто масло, без видливи остатоци. Чистењето е делотворно, но и скапо.
Маслото за менувачи, за разлика од моторното масло, не е изложено на екстремни температури. Обично, маслото се загрева до 80 степени. Тоа е поретко и подолготрајно од моторното масло. Класификацијата исто така се води според SAE-класи, но вискозноста се разликува од маслото за мотор. Пример, масло за менувач има вискозност 75W90. Исто така се важни и категориите на ефикасност, т.н. GL-класи (gear lubricant). Постојат класи од 1 до 5. Кај модерните автомобили, обично е потребно масло од класа GL-4 или GL-5. Маслата за автоматски менувачи се поскапи, затоа што се користат специјални флуиди, односно тоа се Automatic Transmission Fluids (ATF). Тука е посебно важно да се почитува строго спецификацијата што ја наведува производителот.