Бројот на електричните автомобили се зголеми двојно во последните 12 месеци. Најголема продажба на овие возила има во САД, Јапонија и Кина, односно на пазарите со државни субвенции за чистиот погон.
Државните субвенции во голем број земји во светот ја поттикнаа продажбата на автомобили со погон на батерии. Од тоа најмногу профитираа Nissan, General Motors и Toyota. Во последните три години, бројот на овие автомобили се зголемуваше приближно за 100 проценти секоја година. Во почетокот на 2012 година постоеја 100.000 возила на струја, а во почетокот на годинава светот има веќе 405.000 електромобили. Доколку се задржи ова ниво на продажба, до 2016 година бројот ќе пречекори еден милион возила на струја.
Во статистиката влегуваат само возила со чист погон на струја, со помошни мотори што се користат како генератори на струја или со хибриден погон со надворешно полнење на батериите. Тука не спаѓаат мотоциклите, товарните возила и автобусите, како и хибридните возила со класичен концепт.
Најмногу електрични возила има во САД (174.000), потоа во Јапонија (68.000) и Кина (45.000 возила). Во Холандија се регистрирани околу 30.000 електромобили, додека во автонацијата – Германија, постои зачудувачки ниска бројка од само 17.500 возила на струја. Во продажбата на модели предводи Nissan Leaf со преку 90.000 продадени примероци, пред технички идентичните Chevrolet Volt и Opel Ampera со преку 60.000 примероци и Toyota со повеќе од 40.000 примероци од Toyota Prius Plug-In. Производството на најважниот дел во електричниот погон, литиум-батериите, се одвива првенствено во азискиот регион, односно во Јапонија или Јужна Кореја.
















