Развојот на новиот Smart е пред крај. На Поларниот Круг во Шведска се прават последните тестови, пред налето да стартува производството, а од есен и продажбата на моделот.
Соработката со Renault и користењето заедничка платформа со исто така новиот Twingo овозможи Smart да се нуди во две верзии во новата моделска генерација. Исто како и досега, Smart Fortwo ќе има две седишта, но по пауза од една генерација повторно ќе се нуди и верзијата со четири седишта Forfour. Класичниот Fortwo ќе ја задржи должината од 2,7 метри и ќе се произведува во Хамбах, додека Forfour ќе се произведува на иста лента со Twingo во фабриката на Renault во Ново Место, Словенија и ќе има иста должина како неговиот француски полубрат од 3,5 метри. Верзиите со четири врати на Smart и Renault драстично ќе се разликуваат во изгледот.
Иако актуелните прототипи сеуште се маскирани, лесно се воочува дека препознатливите дизајнерски елементи на Smart Fortwo остануваат и во новиот модел. Двобојната каросерија, со видлив безбедносен кафез и натаму ќе биде основен белег во појавата. Единствената поголема измена во споредба со актуелниот модел е во носот на возилото, кој е изведен класично заради подобра заштита на пешаците.
Должината останува иста, ширината на возилото се зголемува за десетина сантиметри. Со тоа ќе се постигне попријатно просторно чувство во кабината. Техничарите се погрижија да го подобрат и возниот комфор на градското мини, односно да го избегнат непријатното скокање и тропање на нерамнините во асфалтот. Најголемиот адут на кусата каросерија – подвижноста во град – ќе биде уште поубедлив, поради скусувањето на кругот на вртење за дополнителни 70 сантиметри. Со тоа, Smart буквално ќе може да врти кругови околу другите возила.
Како погонски единици во почетокот ќе се нудат два мотора со три цилиндра и зафатнина од 0,9 литар, за кои што се погрижи партнерот Renault. Моторите се комбинирани со петстепен мануелен менувач или модерен менувач со двојна спојка, со што нервозниот полуавтоматски менувач заминува во историјата. Атмосферската верзија на моторот ќе има моќност од околу 70 КС, додека турбо верзијата ќе достигне околу 90 КС. Може да се очекува и „навиена“ верзија од тјунерот Brabus. Моделот со погон на струја и кабриолетот ќе продолжат да се продаваат паралелно со новата генерација на Smart. Околу дизелскиот мотор уште постои неизвесност. Тој претрпе темелна преработка во минатата година.
















