Спортската марка на Renault, марка со исклучително богата традиција во мотоспортот, Alpine, развива спортска верзија од најавениот ретро-модел во стил на Renault 5.
Alpine се подготвува за ерата на електричните автомобили. Новото поглавје во историјата на спортската марка започнува со три модели, коишто ќе бидат претставени во следните неколку години. Како што во минатата недела објавија од седиштето на марката во Диеп, триото нови модели со електричен погон ќе го сочинуваат спортски кросовер во стилот на A110, што се планира за 2025 година, нова генерација на купето A110 – нормално и таа со погон на струја, додека за третиот модел беше најавено само површно, дека тоа ќе биде градски автомобил.
Францускиот производител не откри повеќе детали за третиот модел, меѓутоа во силуетата на автомобилот во објавените тизери мошне јасно се насетуваше силуетата на најавениот ретро-модел Renault 5. Еден од главните инженери во Alpine, Жил ле Борње, во интеврју за британскиот магазин AutoExpress потврди дека третиот нов модел на спортската марка ќе биде верзија на идниот Renault 5.
NEWS: Alpine gets go-ahead for all-electric R5 hot hatch…>> https://t.co/nO1x8M0byz pic.twitter.com/kWLfh2AIcn
— Auto Express (@AutoExpress) February 1, 2022
Тоа ги потврди шпекулациите, меѓутоа Ле Борње откри и податок за моќноста на автомобилот. Alpine R5 ќе користи електромотор со моќност од 224 КС, што ќе ги движи предните тркала. Францускиот инженер нагласи и дека верзијата на Alpine ќе располага со значително проширена трага на тркалата, во споредба со стандардниот модел. Тоа би било во стилот на Renault 5 Turbo, еден од повпечатливите модели во 1980-те години.
Новиот Renault 5 со електричен погон ќе стартува во 2024 година, спортската верзија на Alpine ќе следи веројатно по кусо време од премиерата на стандардниот модел.
>>> Турбо пред 40 години, наскоро електричен: Renault 5

















