за

Kia Seed SW станува просторен специјалист за 800 € екстра

Шампионски багажник од 625 литри и каросерија долга колку лимузина од средба класа, со разлика од 800 евра во споредба со класичниот модел со 5 врати. Toa е мајсторијата на комби изведбата Sportswagon во гамата на Kia Ceed.

Комбито кај нас уште е релативно неоткриена каросериска форма. Само неколку автомобилски марки ставаат нагласок на постоењето таков модел во своите гами. Kia Ceed Sportswagon има подолга традиција на македонскиот пазар и соодветно се вбројува меѓу поуспешните модели во комби-изведба. Правецот во којшто се движи пазарот го насочува вниманието повеќе кон овој модел.

Најпрактичниот вид на каросерија почнавме да го забележуваме во поголем број по патиштата низ Македонија дури откако почна масовниот увоз на користени автомобили. Комбито веќе со децении е повеќе застапено во возниот парк во Германија, Холандија, Италија, во цела Скандинавија, отколку што се класичните лимузини со триделна каросерија. Avant, Т-Modell, Touring, Touring Sports, Variant, секоја марка користи посебно име, избрано главно со цел да се укаже дека нивните комби-модели повеќе не се службени возила на занаетчии и државни служби, туку се автомобили што одговараат на одреден животен стил и потреби.

И покрај сите предности, комбито веќе подолг период губи од популарноста. Причината за тоа е СУВ-фамата. Идејата да се седне на повисоко и со автомобилот да се прикажува активен животен стил, направи бројни каросериски форми да исчезнат или да избледат, а тоа веројатно најмногу ги погоди токму комби-изведбите на моделите од компакт класата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во секоја генерација на Ceed досега, од генерацијата ED, произведувана меѓу 2007 и 2013 година, до тековната генерација CD, што имаше премиера во 2018 година и лани имаше темелно освежување, Kia нудеше и нуди комби изведба. По нашите улици е најголема шансата на улица да се разминете со втората генерација JD. Голем број примероци нарачаа такси-компаниите, но Ceed Sportswagon беше подеднакво привлечен и за приватните купувачи. Клучниот поим гласеше: Неодоливата цена.

Секоја генерација на Kia Ceed досега вклучуваше и комби-изведба Sportswagon, тоа е вредно искуство што се огледува во тековната генерација на моделот

Купувачите гледаа голема противвредност во автомобилот со очекуваните квалитети од марката Kia, во комбинација со изобилство од простор и најразновидни можности за искористување на багажниот простор. Голем автомобил со споредбено мала доплата. Не може да се добие поголем автомобил за помалку пари – таков е заклучокот. Кај тековната Kia Ceed Sportswagon, разликата во цената во споредба со класичниот модел со 5 врати изнесува точно 800 евра. Сите мотори и сите нивоа што се нудат за Ceed, достапни се и за Ceed SportsWagon, Ceed SW.

Еден модел сепак направи и тие 800 евра доплата да бидат „наддадени“ и за парите да се добие СУВ-модел. Нормално, тоа е Sportage, бестселер на национално, регионално, светско ниво, најпродаван модел на Kia во Македонија лани и со години порано, најпродаван модел воопшто во Македонија лани, единствен со повеќе од 300 примероци.

Сé е изведено педантно и квалитетно, вклучувајќи и посебно место за сместување на касетата со ролетната на багажникот

New item by Automedia MK / Google Photos

Во меѓувреме се одбројуваат денови до стартот на новата генерација на Sportage, којашто сосем вообичаено ќе направи уште еден скок во развојот и од сé ќе понуди повеќе во споредба со претходникот. Многу работи првпат ќе бидат достапни во Sportage од моделската година 2022, од генерацијата NQ5, наследничка на QL, SL, JE, JA. Тоа е најдолго познато моделско име на Kia во Македонија, по првиот Sportage од 1995 година, тогаш еден од ретките модели во класата.

Нам економијата не нé служи најдобро во последниве три четири децении, па се случува пристигањето на секој нов модел да донесе и повисоко ценовно ниво. Тоа е сосем нормално и очекувано во Германија, Франција, Италија, каде што се случува нормална и здрава инфлација во висина од неколку проценти, но таму соодветно растат и платите, напредуваат државите. Тоа е „разликата“, исто е разликата и во вештачки одржуваниот курс, во невештото и неуко раководење со економијата. Тоа е најверодостојното објаснување, коешто сигурно нема да дојде во соопштение од Илинденска. Не поскапуваат колите, нам платите ни стагнираат – во најдобар случај.

Уште пет мини-багажници во веќе големиот багажник на Kia Ceed Sportswagon

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Значи, повеќе нема да постои основен модел на Kia Sportage под 20.000 евра, туку моделот ќе стартува од некоја друга вредност. Во поглед на тоа што новиот Sportage ќе го нуди како противвредност, тоа и натаму ќе биде старата и добра Kia, односно ќе се добива многу за цената на моделот. За пополнување на местото што со цената му припаѓаше на сега веќе заменетиот модел, сега се пријавува токму комбито во гамата на Ceed.

Во споредба со комбилимузината, Ceed Sportswagon со вкупна должина од 4,60 метри е подолг 28,5 сантиметри. Меѓуоскиното растојание од 2,65 метри и ширината на трагата остануваат исти. Триесетината сантиметри екстра се огледуваат во багажникот: 395 литри на Ceed наспроти 625 литри на Ceed Sportwagon, а понатаму и 1.291 литри наспроти 1.694 литри со соборена клупа. Разликата во тежината е занемарлива, комбито додава 47 килограми и во изведбата со 1.5-литарец со 160 КС и мануелен менувач тежи 1.377 килограми. Покривот смее да носи најмногу 80 килограми товар, тоа важи за двата модели. Нема разлика и во тежината на приколка, дозволено е 1.410 килограми до нагорнина од 12 проценти.

Ceed „стандардно“ оддава динамика и стил, комбито Sportswagon повеќе оддава впечаток на автомобил за луѓе со посебен животен стил, отколку на транспортер

 

New item by Automedia MK / Google Photos

Единствена разлика во перформанси е во спринтот. Sportswagon „доцни“ две десетинки зад комбилимузината и спринтува за 8,6 секунди до темпо сто. Како крајна брзина важат 210 km/h. Потрошувачката е идентична, просек 5,3 литри, град 6,8 литри, на отворено 4,5 литри.

Во изведувањето на багажниот простор се воочува традициското искуство на Kia Ceed со оваа каросериска форма. Поклопецот се отвора лесно и високо, отворот на багажникот е широк и висок, а подот е целосно рамен по целата должина, по соборувањето на клупата. Дебелото тапацирање е следното што се забележува, конструкторите земале предвид дека багажникот ќе се користи многу почесто и многу поразновидно отколку во стандардниот Ceed.

На овие држачи може да се постави багажник што ќе носи најмногу 80 килограми товар

New item by Automedia MK / Google Photos

Кој ќе помисли дека тоа е сé, треба да знае дека под подот има уште многу „приказни“. Три екстра прегради стојат на располагање, односно вкупно пет, ако се земат предвид и двете странични прегради. По подигнувањето на цврстата и повеќеделна подна облога, вешто конструирана да издржи товар, веднаш е достапен простор длабок триесетина и широк дваесетина сантиметри. Во горниот дел се изведени два масивни држачи во коишто лесно се сместува касетата со ролетната на багажникот, откако таа ќе се отстрани да нема пречка во багажникот. Сé е изведено со квалитетна пластика, тоа е првиот впечаток, колку внимателно е изработен багажникот. 

Во средината на подот се наоѓаат уште две прегради, што се поплитки, но секако се добредојдени и корисни. Рачките на овој транспортен модул секако не се за украс. Тој може да се подигне и уредно да се пополни, или темелно да се исчисти, ако се превезувало спортска опрема или слично. Како врв на целиот овој комби-пакет следат алуминиумски кровни носачи за багаж како стандард.

Конструирано да издржи многу товарање и растоварање, квалитетно во секој случај

New item by Automedia MK / Google Photos

Понудата од мотори е иста како кај Ceed со 5 врати, значи 1.0 T-GDi со 120 КС и 1.5 T-GDi со 160 КС, по избор со мануелен или со 7-степен менувач со двојна спојка. Тоа на што сигурно се гордеат во македонската Kia е второто ниво на опрема GT Line, со спортски нагласок. Тестот на Kia Ceed 1.5 T-GDi во изведба GT Line го објавивме неодамна и таму е целосно претставено возилото.

Основниот модел 1.0 T-GDi со ниво на опрема Edition 1 стартува од 19.750 евра. Разликата со посилниот мотор, со 160 КС, изнесува само 1.000 евра, и тоа дава посебен шмек на целата гама на Ceed. Таа политика на достапни цени на „степените“ на моделот секако дека важи и за каросериските изведби. Како што спомнавме, Ceed Sportswagon е само 800 евра над моделот со 5 врати.

Деновиве во Kia се подготвува теренот за новиот Sportage да се прикаже пред јавноста, и пред купувачите, секако. Големото наследство од успехот на претходните генерации е олеснување, но и обврска за моделот на Kia. Нема двоумење околу тоа дека новиот Sportage ќе биде меѓу главните играчи во сегментот.

New item by Automedia MK / Google Photos

>>> Тест · Kia Ceed 1.5 GT Line · Ги враќа симпатиите во компакт-класата

Линк до страницата за моделот на Киа Моторс Македонија

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Наследникот на Clio RS ќе биде модел на Alpine, погонот на струја

Volkswagen почна тестови со возила што управуваат сами