По Скопје сега и Лондон најавува коли на струја за изнајмување

Францускиот милијардер Винсент Болоре ќе го воведе првиот возен парк со електрични автомобили за изнајмување во Лондон. Возилата ќе се изнајмуваат со чип-картичка или мобилен и со нив ќе може да се вози на повеќе релации низ градот.

Околу 100 возила со електричен погон ќе стојат на располагање од март следната година, со план возниот парк во иднина да се зголеми на 3.000 возила, со повеќе паркиралишта од кои што ќе може на неколку часови да се изнајмат возилата. Болоре по победата на тендерот изјави: „Автомобилите на струја во моментов се играчка за неколку среќајлии. Тие се скапи и немаат автономија како обичните автомобили. Ние конструиравме автомобил што е евтин, практичен и со четири седишта.“

Во англиската престолнина моментно има околу 1.400 полначи за струја, кои се неискористени поради малиот број на возила. Болоре се надева дека нивниот број може да се зголеми на 6.000 полначи до 2018 година. Месечната претплата за користење на услугите за изнајмување на електричните возила ќе чини 10 фунти, а нивното получасовно користење ќе се наплатува 5 фунти.

Градоначалникот Борис Џонсон верува дека на овој начин ќе се намали загаденоста на воздухот и ќе се зголеми популарноста на погонот на струја. Лондон е во сериозна опасност да плати казна од околу 250 милиони фунти (околу 300 милиони евра) за прекумерната загаденост на воздухот во градот.

Електричните возила на Болоре уште од 2011 година се користат и во Париз. Француската престолнина моментно брои 2.000 возила, 862 станици за изнајмување, 43.000 регистрирани корисници и околу 10.000 изнајмувања во денот. Сличен сервис нуди и car2go на германскиот концерн Daimler, во чијашто шема за краткотрајно изнајмување влегуваат и 3.000 примероци од Smart electric.

Претходна објаваFerrari гради нов забавен парк во Шпанија
Следна објаваMercedes 190: Стариот Беби-Бенц е шампион во издржливост

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here