Оваа марка ја сакаме меѓу другото и поради хибридниот погон. Но, Јапонците не се задоволуваат со тоа. Lexus ги покажува забите со купето RC F, коешто за противници ги избира BMW M4 и Mercedes AMG.
Благородната марка на Toyota повеќе не сака да покажува само префинети манири. Lexus станува немирен и ги предизвикува спортските пулени на европските премиум марки на одмерување на силите. Тоа е единствениот впечаток по премиерата на купето RC F во Женева. Од досега наученото: Кога во ознаката на модел на Lexus пишува F, тоа е знак дека станува збор за многу коњски сили и за спортска динамика.
Зад впечатливата маска што се води како „диабло“ или „ѓавол“ работи најсилниот V8 во историјата на Lexus. Од пет литри работна зафатнина се добиваат 456 КС и 250 километри на час. Осумцилиндарецот работи во еткинсонов циклус, кој обично се применува за мотори наменети за штедење, но очигледно е дека инженерите на Lexus успеале да го надминат тој проблем со раскошната работна зафатнина од пет литри.
RC F изгледа агресивно и заканувачки, но само нанадвор. Како што потенцираат од развојното одделение на Lexus, целта при развојот не била да се направи најбрзо купе на Нирбургринг, туку купе со кое што повеќето возачи ќе можат без потешкотии да возат на тркачката патека. Секако дека Јапонците го извозеа и легендарниот „Зелен Пекол“ при завршното тестирање на новото спортско купе, но податоците засега остануваат само за интерна употреба. RC F е влезница на Lexus во мотоспортот. Тркачкиот GT3, развиен од цивилниот RC F, располага со преку 540 КС и ќе почне да се продава од следната година.
Иако моделот е нагласено спортски, не се заборава на комфорот. Со скрутување на каросеријата се намалени вибирациите, што соодветно се рефлектира во комфорот. Скрутувањете е постигнато со користење на пошироки прагови и дополнително вградување на попречен профил во предниот дел од подот, како и со специјалната постапка на ласерско заварување.
Lexus RC F е достапен само во верзија со заден погон, Јапонците намерно се повикаа на класичниот принцип според кој предната оска има задача за управување, а задната за погон. Дали купето ќе се искористи за изведување на кабриолет верзија засега не се открива. Но, за битката со европската тројка Audi, BMW и Mercedes, отворената верзија на RC F секако дека ќе биде од голема помош.



















