Volvo Cars е на пат да стане прв производител на автомобили што ќе користи челик произведен без примена на кокс. Партнер во овој еколошкки подвиг е шведскиот производител на челик SSAB.
Volvo ќе биде првиот производител на автомобили, што преку соработката со шведската челичарница SSAB и со нејзината иницијатива Hybrit ќе користи челик добиен без примена на фосилни горива, конкретно кокс, кој се добива од јаглен. Во оваа иницијатива учествуваат уште рудниците за челезо LKAB и енергетската компанија Vattenfall. Целта на иницијативата е да се замени коксот, производ од јаглен, кој е суштински при производството на челик. Замената ќе биде извршена со струја добиена од обновливи извори и од водород. Нивниот челик ќе биде произведен практично без грам СО2.
Volvo Cars ќе биде прв производител на автомобили што ќе направи нарачки за еко-челикот на SSAB произведен од железна руда, пречистена со енергија од водород, во матичната фабрика на Hybrit во Лулеа, Шведска. Овој челик во почетокот ќе се користи само за тестирање и може да се очекува дека каросеријата на следниот концептен автомобил на Volvo ќе биде изработена од истиот.
SSAB планира во 2026 година да започне со продажба на челик произведен без фосилни горива. Volvo обезбеди право да биде прв автопроизводител што ќе го користи челикот во своите сериски модели.
Челичарниците учествуваат со околу 7% во вкупната емисија на СО2 во светски рамки. Челикот учествува со 35% во билансот на СО2 на моделите на Volvo со обичен погон и со околу 20% во моделите со чисто електричен погон, кога ќе се земат предвид материјалот и производството на компонентите за автомобилите.
Најдоцна во 2030 година, Volvo во својата понуда ќе вклучува единствено автомобили со погон чисто на струја.
















