за

Пандемијата „спаси“ 3.900 животи во сообраќајот во ЕУ лани

Доколку бројот на жртви останал ист како во 2010 година, во изминатиов период ќе имало над 56.000 жртви повеќе во сообраќајот во ЕУ.

На патиштата во Европската Унија во 2020 година имало околу 3.900 помалку жртви отколку во претходната година. Намалувањето за 17% во најголема мера се должи на ограниченото движење поради пандемијата.

Лани во сообраќај го загубиле животот 18.844 лица во земјите во ЕУ. Во споредба со 2010 година, бројот на жртви за цела деценија се намалил за 37 проценти. Доколку бројот на жртви во изминатите десет години останал на ниво како во 2010 година, за целиот период по патиштата би загинале 56.305 лица повеќе. Се цени дека намалувањето на бројот на жртвите во сообраќајот ја поштедило ЕУ од трошоци во висина од 146 милијарди евра.

Само една членка на ЕУ ја достигнала целта за намалување на бројот на жртви за 50% за една деценија. Тоа е Грција, со 54 проценти намалување. Норвешка, којашто не е членка, го смалила бројот на жртви за 55 проценти. Португалија, Шпанија, Хрватска, Белгија, Словенија, Италија, Литванија, Бугарија, Данска, Австрија и Унгарија, сите постигнале намалување поголемо од просекот на ЕУ од 37 проценти. За десет години, најмал напредок имаат Холандија (-5%) и Велика Британија (-14%).

Утре во Европскиот Парламент, комитетот за транспорт ќе гласа за политиката за транспорт на ЕУ за следната декада. Околу десетина организации што се залагаат за подобрување на безбедноста во сообраќајот бараат да се стави нагласок на намалувањето на брзината, особено во градските средини. Европскиот огранок на Toyota е меѓу главните финансиери на овие организации.

Во Македонија лани имало 125 загинати лица во сообраќајот, за нецели 6% помалку отколку во 2019 година. Во споредба со 2010 година, кога имало 162 загинати лица, намалувањето на бројот на жртви во сообраќајот изнесува близу 30 проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo ќе користи челик произведен без примена на кокс

Mercedes порачува „време е за комфорна зона“ во кампањата за C-Class