за

Тојота Авто Центар релаксира со 10-годишна гаранција

Од почетокот на месецов, сите модели на Toyota што се испорачуваат во Тојота Авто Центар, доаѓаат со 10-годишна гаранција.

Toyota додава уште еден стандард. Покрај тоа што моделите на јапонската марка, меѓу другото, се издвојуваат од конкуренцијата со целосниот арсенал од системи за асистенција во состав на Toyota Safety Sense, новите возила на Toyota од почетокот на месецов во Македонија се испорачуваат со 10-годишна гаранција.

Услугите сé повеќе стануваат клучен аргумент кај автомобилските марки. Познавачите и искусните возачи и возачи, добро знаат дека добриот избор при купување не го прави само автомобилот, туку и услугите што понатаму треба да следат со него. Тоа се однесува на редовното сервисирање, на понудата на автомобилски прибор и вградување на истиот, на целата организација околу услужувањето на клиентите. Луѓето едноставно бараат пред купувањето да се уверат дека утре ќе имаат тим на којшто ќе можат да му се обратат во секое време кога ќе има потреба за тоа.

Кралица на услугите секако дека е гаранцијата. Тојота Авто Центар релативно тивко соопшти дека од 1-ви јуни стартува со 10-годишна гаранција за сите автомобили што им ги испорачува на македонските возачки и возачи – вклучувајќи ги и возилата нарачани пред 1-ви јуни. Соопштувањето беше тивко, но одѕивот е спектакуларен. Секако дека сцената за кусо време стана свесна за големата новина кај Toyota.

Тојота Авто Центар ја воведува 10-годишната гаранциска услуга во Toyota Relax во исто време со земјите во ЕУ

Десетте години под гаранција важат за целата моделска понуда, од Aygo, како најмал, а воедно и најстар модел во понудата на Toyota, преку Land Cruiser и Hilux, на кои гаранцијата за нерасипливост веќе им е впишана во генот, до целото семејство доставни модели Proace, како категорија возила кај коишто гаранцијата неретко е решавачка кога за моделот се решаваат компании со големи возни паркови.

Исто е „поместено“ и времетраењето на гаранцискиот период кај возилата што се во срцето на Toyota, кај моделите со хибриден погон. За осумте модели што Toyota ги нуди и во изведба со електромотор во погонската спрега (Yaris, Corolla со 5 врати, Corolla Sedan, Corolla Touring Sports, Camry, C-HR, RAV4, Highlander), новите услови предвидуваат 10 години бесплатна грижа за хибридната батерија.

Услов за задржување на правото на гаранција е возилото редовно да се сервисира во мрежата на Toyota. Со секое следно сервисирање, гаранцијата се продолжува за уште 12 месеци, сé додека возилото не достигне 10 години од првата регистрација или 200.000 километри.

На сите модели на Toyota што се произведени за Европа им следува гаранцијата Toyota Relax како надополнување на основната фабричка гаранција. Toyota Relax се однесува на автомобилот, што значи дека гаранцијата му следува и на новиот сопственик, при продажба на возилото, додека истото не достигне 10 години од регистрацијата или 200.000 изминати километри.

Заокружување на целиот пакет услуги на Тојота Авто Центар е помошта на пат во времетраење до 5 години, којашто чини 2.990 денари за Македонија, односно 1.000 денари повеќе за цела Европа.

Тојота Авто Центар наскоро ќе започне со кампања во којашто јавноста и сопствениците на автомобил Toyota ќе бидат запознаени со подробностите околу рекордерската гаранција во браншата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Џеј Лено постави рекорд со Tesla Model S

Volvo ќе користи челик произведен без примена на кокс