Премиера во Женева: Овој автомобил вози на дизел од дрва

Автомобилите воопшто не се еколошки како што тврдат производителите. Уште при производството се троши огромна енергија. Фински научници имаат нова идеја.

На заштитниците на животната средина им се превртува стомакот кога поимот екологија се поврзува со автомобилите. Тие се свесни дека автомобилите се далеку од еколошки. Вистина е дека новите мотори трошат само малку гориво и соодветно на тоа испуштаат помалку штетни гасови, а електричните автомобили не испуштаат ништо. За еколозите е повеќе проблематично производството на автомобилите, за што се троши многу енергија. Само при производството се ослободуваат тони јаглероден диоксид. Кај електричните автомобили е уште полошо, затоа што за производството на батериите е потребно уште повеќе енергија.

Изненадување или разочарување под зелениот чаршаф?

Неколку научници од Универзитетот за применета наука во Хелсинки и од финскиот производител на хартија УМП имаат идеја како да направат автомобилите да бидат уште поеколошки и ќе ја прикажат истата при премиерата на нивниот автомобил на салонот во Женева во март. Нивниот автомобил ги исполнува сите безбедносни и хомологациски норми, но се уште е под зелен чаршаф. За изгледот на концептното возило со име Biofore засега не може да се каже што било.

Поголемиот дел од возилото е изработен од дрво

Затоа, пак, има повеќе податоци за еколошката погодност на возилото. Производителите на автомобили веќе подолго време користат природни материјали. Кај електричниот BMW i3, на пример, повеќето материјали се од обновливи извори или се рециклирани. Исто и во Ford Focus веќе подолго време се вградуваат остатоци од џинс како облоги во вратите.

Финците одат чекор понапред. Нивниот Biofore во голем дел е изработен од дрво. Арматурната табла и другите делови од возилото се произведени од био суровини, како на пример термички обработлив фурнир од крушово дрво или композити. Последниве се состојат од пластични полимери и целулоза, при чие што производство се ослободува за половина помалку СО2.

Биогоривото се добива при производството на хартија

Најголемата придобивка за животната средина според Финците се постигнува преку новото дизелско гориво добиено од дрва, со кое што емисијата на СО2 се смалува за 80 проценти во споредба со конвенционалниот дизел. Во поглед на квалитетот нема отстапувања. Биогоривото се добива како секундарна суровина при производството на целулоза. Производителот на хартија УМП, исто како и секој друг гигант во ова подрачје, располага со тони од оваа суровина. Финците уште годинава ќе стартуваат биорафинерија за новото гориво, во која што годишно ќе се добиваат 100.000 тони бидизел. Повеќе детали за концептот на финските научници ќе следуваат при премиерата на Biofore во март.

Претходна објаваKia Soul доби погон на струја
Следна објаваСедум нови верзии во класите А, B и CLA на Mercedes

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here