Нова хала со површина од 50.000 метри квадратни се гради во фабриката што го произведува Passat, наменета за електрични возила. Во исто време се доградуваат останатите хали и се обучува персоналот, пред погоните да започнат со прооизводство на електричните автомобили во следното лето.
Фабриката на Volkswagen во Емден, во Долна Саксонија, е прва фабрика во оваа германска покраина што масовно ќе произведува електрични возила. Од 2022 година, оттаму ќе излегува компактниот СУВ-модел ID.4, а подоцна ќе следат и други модели на струја. Актуелната продукција на Passat Limousine и Variant, на Arteon и на неговата нова изведба Shooting Brake ќе продолжи уште неколку години. Во крајната фаза, годишниот капацитет на Емден ќе достигне 300.000 електрични возила.
Главниот дел од пренамената е изградба на нова монтажна хала од 50.000 метри квадратни, посебно за е-возила. Каросериското одделение и погонот за пресување исто така ќе се зголемат за 23.000 метри квадратни. Лакирницата ќе се модернизира и ќе добие нова хала „Bi-Color“ со површина од 6.000 метри квадратни, за лакирање на покривите во црна боја. Тоа е воедно еден од белезите на моделите од семејството ID. Изградбата се очекува да заврши во следното лето.
Вработените минаа комплетна обука за работа со возила со електрифициран погон уште при стартот на Passat GTE. Од минатата есен, тие привремено работат во фабриката во Цвикау, со цел да се запознаат со подготовката за производство, како и со самото производство, за искуствата потоа да се применат во Емден. До стартот, вработените ќе имаат совладано над 60.000 часови обука.
Volkswagen цели на лидерската позиција во електромобилноста во светски рамки. До 2025 година, марката ќе има повеќе од 20 чисто електрични модели во понудата. Возила на струја од концернот, во Германија ќе се произведуваат во Цвикау, Емден, Хановер, Цуфенхаузен и Дрезден. Надвор од Германија, овие возила ќе излегуваат од фабриките во Млада Болеслав, Чатануга, Фошан и Антинг.
Електричниот Volkswagen ID.3 стартува со испорака во септември

















