Најголемото изненадување од Suzuki всушност и не е толку големо изненадување. Suzuki Across е производ од соработката со Toyota и се базира врз актуелниот RAV4. Компактниот СУВ користи плагин-хибриден погон, Европа ќе го добие моделот наесен.
Пред неполна година, Toyota и Suzuki потпишаа договор за здружување, уште тогаш беше извесно дека тоа ќе има големо влијание врз пазарот. Така и се случи. Suzuki го претстави Across, компактен СУВ што се базира врз актуелната Toyota RAV4, конкретно врз изведбата Wildlander што се произведува кај кинескиот партнер GAC Toyota и се продава на тамошниот пазар. Тоа што е главно околу целиот овој зафат всушност е погонот на Across. Станува збор за плагин-хибрид на Toyota со способност да извози 75 километри чисто на струја.
Тоа се бројни клучни моменти што произлегуваат од стратешкото здружување на двете компании. Допрво ќе следат уште голем број изненадувања. Across е првиот модел што Toyota му го испорачува на Suzuki во рамките на соработката. Европскиот пазар ќе ги добие првите примероци од новиот знаменосец на Suzuki во текот на есента.
Во дизајнот јасно се распознава RAV4, со тоа што предниот и задниот дел се сменети и донесени се во стилот на Suzuki. Робустноста во појавата не е без основа, затоа што Across го користи погонот на сите тркала E-Four, со втор електромотор на задната оска, што реагира брзо и флексибилно, овозможувајќи добри теренски својства. Распределбата на влечната сила меѓу двете оски може да се менува во дијапазон од 100:0 до 20:80 проценти.
https://photos.app.goo.gl/7NQMC16RJV3pE8Xa9
Надворешни детали, како целосно диодни светла или црни полирани бандажи од 19 инчи откриваат дека се работи за солидна понуда. Внатре Suzuki користи идентичен кокпит со RAV4, со средишен дисплеј од 9 инчи и со сите можности за поврзување со паметен телефон. Багажникот располага со 490 литри и има практичен приклучок со 220 волти, за користење електричен прибор при излети и други пригоди.
Suzuki Across покажува дека соработката со Toyota не се реализира само заради „бројки“, туку првенствено поради помасовен пробив на напредните погонски технологии
Погонската спрега ја сочинуваат 2,5-литарски бензинец со 182 КС и 270 њутнметри, два електромотори (назад со 40 kW) и литиум-јон батерија од 18,1 kWh, што е вградена во подот. Моторот со код A25A-FXS е ист со Camry, RAV4 и бројни други модели на Toyota, од генерацијата Dynamic Force.
https://photos.app.goo.gl/npT2Ha2oAaQ6va3L6
Возачите на Suzuki Across ќе можат да избираат меѓу четири режими на возење: Стандардно поаѓање и возење на струја (EV Mode), автоматско преоѓање од електиричен во хибриден режим (Auto EV/HV Mode), чисто хибриден погон (HV Mode) и режим за батеријата во текот на возењето да се наполни целосно и погонот во меѓувреме да не црпи енергија оттаму.
Suzuki Across доаѓа и со низа системи за асистенција, вклучувајќи самостојно запирање при опасност од судир и запирање при пешак или велосипедист на патот, потоа активен систем за предупредување при напуштање лента и приспособлив радарски темпомат. Во повисоките нивоа на опрема следат уште камера за знаци, предупредување при возило во мртов агол и предупредување за возило што доаѓа попречно при излегување во рикверц.
Очекуваме информации околу пристигањето на моделот на македонскиот пазар.
ДЕТАЛНИ ТЕХНИЧКИ ПОДАТОЦИ ЗА SUZUKI ACROSS
| Број на врати | 5 | |||
| Мотор | хибрид, бензин | |||
| 2.5L Plug-in Hybrid | ||||
| Погон | E-Four | |||
| ДИМЕНЗИИ | ||||
| Должина | mm | 4,635 | ||
| Ширина | mm | 1,855 | ||
| Висина | mm | 1,690 | ||
| Меѓуоскино растојание | mm | 2,690 | ||
| Трага | напред | mm | 1,600 | |
| назад | mm | 1,630 | ||
| Круг на вртење меѓу тротоари | m | 5.7 | ||
| Растојание од подлога | mm | 190 | ||
| ЗАФАТНИНИ | ||||
| Седишта | 5 | |||
| Багажник | максимално | lit | 1,604 | |
| до висина на прозорци | lit | 1,168 | ||
| стандардно | lit | 490 | ||
| Резервоар | lit | 55 | ||
| Батерија | kWh | 18.1 | ||
| Мотор | ||||
| Тип | A25A-FXS | |||
| Цилиндри | 4 | |||
| Вентили | 16 | |||
| Зафатнина | cm3 | 2,487 | ||
| Пречник и Од | mm | 87.5 x 103.4 | ||
| Компресија | 14.0:1 | |||
| Моќност | kW | 136 | ||
| Вртежен момент | Nm | 227 | ||
| Напојување | Двојно впрскување | |||
| ЕЛЕКТРОМОТОРИ | ||||
| Напред | Моќност | kW | 134 | |
| Вртежен момент | Nm | 270 | ||
| Назад | Моќност | kW | 40 | |
| Вртежен момент | Nm | 121 | ||
| Пренос | ||||
| Тип | E-CVT (автоматски) | |||
| ПОДВОЗЈЕ | ||||
| Управување | Запчеста летва | |||
| Сопирачки | напред | вентилиран диск | ||
| назад | вентилиран диск | |||
| Водење на тркала | напред | Мекферсон | ||
| назад | Двојни триаголни водилки | |||
| Пневматици | 235/55R19 | |||
| ТЕЖИНИ | ||||
| Празно возило | kg | 1,940 | ||
| Дозволена тежина | kg | 2,510 | ||
| ПЕРФОРМАНСИ | ||||
| Крајна брзина | km/h | 180 | ||
| Досег на струја | km | 75 | ||
| ПОТРОШУВАЧКА И ЕМИСИЈА | ||||
| Норма | Euro 6d | |||
| CO2 (NEDC) | g/km | 26 | ||
| CO2 (WLTP) | g/km | 22 | ||
https://www.instagram.com/p/CCHBVV6hg2H/
Toyota RAV4 отсега полни батерија и на „штекер“

















