Seat Ateca фаќа нов залет

Seat Ateca
Seat Ateca

Seat Ateca доби неколку освежувања во изгледот и во инфо-забавните системи, кои сега се разбираат од збор.

Шпанскиот СУВ-брат на VW Tiguan наскоро ќе се појави во освежено издание во салоните на марката. По четити години од претставувањето, Seat Ateca доби неколку измени во изгледот, доби и нов инфо-забавен систем со говорни команди, а пристигаат и нови и неизоставни системи за асистенција. Мали зафати во моторите придонесоа за натамошно намалување на потрошувачката.

Најголемите промени во надворешниот изглед се во маската, во браниците и во внатрешноста на светлата. Предните и задните светла сега стандардно работат со диодна техника, има и динамични трепкачи. Маската е малку издолжена надолу, сега има шестаголна форма и поставена е во широка хромирана рамка. Долниот отвор за воздух исто така е зголемен и сега директно преоѓа во нагласената теренска заштита со алуминиумски финиш. Страничните отвори за воздух се проширени и развлечени се кон средината на возилото.

Ефектно е испишано моделското име назад, по пример на Seat Leon

Назад веднаш се забележува новиот натпис на моделското име, коешто е напишано ракописно, веднаш под регистерската таблица. Тоа е по пример на Leon, кој исто така имаше премиера неодамна. Тешко е да се превиди моќно изведената заштита на подвозјето во задниот браник, во ист стил како напред, со алуминиумски финиш. Новите браници го продолжија Seat за 18 милиметри, на сегашни 4,38 метри. Во висина, Ateca оди до 1,62 метар, ширината е 1,84 метар.

https://photos.app.goo.gl/77Tgs2x6b9mFTUG49

Главниот новитет внатре е инфо-забавниот систем, заедно со нов дисплеј. Во основната изведба сега се користи дисплеј од 8,25 инчи, додека следната верзија поседува дисплеј од 9,2 инчи. Место копчиња лево и десно, сега системот располага со сензорски полиња. Врвната изведба поседува навигација и овозможува користење на Apple Carplay и Android Auto без кабел. Говорните команди се активираат со познатото „Хола Хола“. Дигиталните инструменти се преработени, а Ateca сега доаѓа со вградена СИМ-картичка, преку којашто може да се вчитуваат сопствените апликации на Seat. Преку овој вид на пворзување може и однадвор да се пристапи до возилото, со помош на телефон и апликацијата Seat Connect App. Преку неа може да се дознае каде е паркиран автомобилот, дали светлата се заборавени, дали има обид да се провали во возилото, но истата може да се користи и како дигитален клуч.

Новиот волан може да се добие во верзија со грејач, а како опција и возачкото седиште може да се мести со електрика. Уште еден новитет е посебниот слој на ветробранот, т.н. Climacoat. Неговата функција е одмрзнување на ветробранот за две до три минути. Украсните лајсни во кокпитот сега се мат, а има и украсен штеп во облогите на вратите.

https://photos.app.goo.gl/wswCBLcDji416u5s8

Покрај нови бандажи (од 16 до 19 инчи) и нови бои, вклучувајќи „темна камуфлажна“ боја, Seat Ateca доби уште неколку системи за асистенција. Меѓу нив се активен радарски темпомат, кој го приспособува темпото преку сателитско позиционирање и камери. Во комбинација со систем за следење лента, се добива Travel Assist, односно автопилот од ниво 2, кој работи до 210 km/h. Уште еден нов помошник е предупредувањето за возило што наидува попречно, додека се излегува од паркинг наназад.

Кај моторите има неколку промени заради натамошно оптимирање на потрошувачката. Основата е 1.0 TSI со 110 КС, по него следи 1,5-литарски TSI со 150 КС и активно исклучување цилиндри. Најсилен бензинец е 2.0 TSI со 190 КС, кој стандардно доаѓа со погон на сите тркала. Меѓу дизелите повеќе не се нуди 1,6-литарецот, на негово место доаѓа 2,0 TDI, со катализатор SCR и со двојно впрскување адблу. Освен во основната верзија со 115 КС, моторот се нуди и во изведба со 150 КС, по желба во верзија со погон на сите тркала.

https://photos.app.goo.gl/XKXRHg14sCJ7s4Sk6

>>> Kumho избран за добавувач на еко-гуми за Seat Ibiza

Претходна објаваМакпетрол реагира за злоупотребата на „лож-маслото“ и бара изедначување на акцизите
Следна објаваMahindra бара нов сопственик за проблематичниот SsangYong

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here