за

Новата серија 4 има големи бубрези, но тоа е BMW

Новата серија 4 има големи бубрези, но тоа е BMW

Дизајнот на новото купе од серијата 4 на BMW е радикален, како што се очекуваше. Бубрезите се развлечени до долу, доминантни, со регистерска таблица насреде, којашто ја заборавивме кога Баварците го најавуваа дизајнот преку концептниот автомобил.

Со дизајнот на автомобилите во последно време е исто како со едната и иста порака што сите пријатели и познајници на социјалните мрежи Ви ја испраќаа за време на „пандемичното“ седење дома. Затоа уште повеќе се ценеше кога ќе пристигнеше нешто ново и различно, креативно. На моменти дури изгледаше дека на светот повторно му се враќа креативноста, место масовното копирање. Токму тоа сега го прави BMW. Минхен е креативен, храбар, премиум, цар.

Околу дизајнот сега ќе се судираат копја, небаре серијата 4 поради дизајнот ќе вози поразлично од тоа што се очекува од BMW. Бубрезите се големи и веројатно се непропорционални, но кому воопшто му е грижа за тоа. Важно е дека е различно. Најважното за BMW е следното: Купувачите на купето и кабриолетот од серијата 4, подоцна и на купе-лимузината Gran Coupe, како моделски изведби што се поскапи и позиционирани се повисоко, добиваат автомобил што од напред ќе се разликува подрастично од лимузината од серијата 3.

New item by Automedia MK / Google Photos

Давид Феруфино, човекот што е задолжен за серијата 4 во BMW, ја открива причината што им дозволи на менаџерите во Минхен да го направат храбриот потег: „Од анкетите на нашите клиенти се покажа дека серијата 4 не е доволно впечатлива“. Со доплата, серијата 4 ќе вози со ласерски светла, со врвна функција, но и со препознатлива светлечка графика. Уште еден препознатлив потег на дизајнерите е прекршената светлечка линија во задните светла, којашто потсеќа на електрокардиограм, на пулсирањето на срцето.

New item by Automedia MK / Google Photos

Бидејќи од серијата 4 се очекува да се докаже уште повеќе во возните својства, во предниот дел од возилото и на задната оска се додадени зајакнувања, зголемен е аголот на предните тркала и постигнат е рамномерна распределба на тежината меѓу оските. Покривот на купето е 57 милиметри пониско во споредба со лимузината од серијата 3. Трагата на задната оска е 23 милиметри поширока и тежиштето е 21 милиметри пониско.

За почетокот на продажбата само бензинци и микро-хибриди

Со почеток на испораката во октомври, BMW нуди пет мотори во серијата 4. Двата бензинци имаат зафатнина од два литри и располагаат со 184, односно 258 КС. По нив следи BMW M440i xDrive Coupé, со погон на сите тркала, турбо-шестцилиндарец, микро-хибрид и моќност од 388 КС. Стартер-генераторот може да функционира како електромотор со моќност од 8 kW (11 КС) во времетраење меѓу осум и единаесет секунди, асистирајќи му на моторот. Тоа потсеќа на легендарниот и шампионски Brabham BT52, со турбо-мотор од BMW ѓшто постигнуваше до 1.400 КС.

New item by Automedia MK / Google Photos

Како благ-хибрид се нуди и дволитарски дизел со 190 КС, по желба и во верзија со погон на сите тркала. Два посилни дизели ќе пристигнат в година во март: BMW 430d xDrive Coupé со 286 КС и BMW M440d xDrive Coupé со 340 КС. Првпат во целата гама се вградува осумстепен Steptronic, опција е спортска варијанта на автоматскиот менувач. Како за динамичар, серијата 4 добива нов волан, спортски седишта и доплата за „перница“ за десното колено во средишната конзола – кој ја искусил динамиката на ваков автомобил на брза патека, сигурно ќе се сети на болката што следи подоцна во коленото.

New item by Automedia MK / Google Photos

Традиционално, кокпитот е завртен кон возачот и ја презема техниката од сестринските лимузини од серијата 3. Тоа подразбира дигитални инструменти од 10,25 инчи и средишен дисплеј од 12,3 инчи. Новата генерација на проекцискиот дисплеј има за 70% поголема површина и возачот може да ја дотерува по желба. Има новини и во автопилотот. Тој може самостојно да го „повлече“ купето до работ на патот, за да се формира слободен простор за минување амбулантно или друго возило за брза интервенција.

Ценовникот во Германија стартува од 45.800 евра за BMW 420i, врвот привремено му припаѓа на M440i xDrive за 66.900 евра.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

https://www.facebook.com/412251675493451/videos/3000532700038694/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Јапонски град воведе забрана за мобилен за пешаците

Јапонски град воведе забрана за мобилен за пешаците

Продукцијата на автомобили во Германија најниска во последните 22 години

Opel ќе произведува модел на Citroen во Риселсхајм