Властите во германската покраина Хесен се загрижени околу исходот што можното спојување меѓу мајчиниот концерн PSA и Fiat Chrysler би го имало врз марката Opel.
Премиерот на германската покраина Хесен, Фолкер Буфие, очекува од концернот PSA да ја заштити позицијата на Opel, особено иднината на развојниот центар на марката во Риселсхајм, кој е од важност за целиот коцнерн. „Мора да се осигура иднината на Opel“, побара премиерот на покраината во којашто се наоѓа седиштето на германската марка. Спојувањето на францускиот концерн PSA, кадешто припаѓа Opel, со Fiat Chrysler, според Буфие носи одлични шанси, но тоа не смее да оди на штета на марката Opel и на нејзините германски фабрики во Риселсхајм, Кајзерслаутерн и Ајзенах.
Фузијата отвора шанси за намалување на единечните трошоци, за користење синергија и за освојување нови пазари, цени германскиот политичар. Големината има важна улога во автомобилската бранша, особено во поглед на масивните вложувања што се неопходни во електричниот погон и во автопилотираното возење. Здружувањето во поголем концерн треба да ѝ донесе корист и на марката Opel.

„Од мајчиниот концерн PSA, очекуваме да ја заштити марката Opel, а особено развојниот центар во Риселсхајм, којшто е важен за целиот концерн, како и да инвестира во фабриката во Риселсхајм, според договореното,“ посочуваат германските политичари. Нови отпуштања на работници не доаѓаат предвид.
PSA и Fiat Chrysler планираат да се спојат во четврти по големина производител на автомобили во светот. Тие гарантираат дека при користењето на синергискиот ефект во вредност од неколку милијарди евра нема да се затвораат фабрики. IG Metall, најголемиот работнички синдикат во Германија, и натаму се залага за независност на марката Opel.
Opel Senator пред 40 години им ги мрсеше конците на Mercedes & Co
















