Постои таков автомобил што има издржлива основа и голем клиренс како СУВ, што има просторна кабина и може некогаш да патува и со седум патници, а воедно вози комфорно како лимузина, нуди луксуз и има елегантна појава? Многумина би се откажале уште од старт и би помислиле дека се работи за шега. Таков автомобил, сепак, постои. Зарем е изненадување ако марката што го нуди тоа е токму Renault?
Името на моделот е познато, но неговата традиционална форма е умешно прикриена. Поточно е да се каже дека изгледот на каросеријата е всушност приспособен за ерата на СУВ-возилата, во којашто исчезнаа многубројни каросериски форми, меѓуформи, оригинални во секој случај.
Renault Espace е име на коешто му припаѓа мошне важно место во автомобилската историја. Тој беше првиот ван, но на Французите не им беше доволно тоа, па неговата каросерија ја изработија од лесна и за тоа време технолошки напредна пластика, а кабината ја изведоа како домашен салон. Семејниот ван опстојуваше беспрекорно во своите четири генерации. Потоа се случи СУВ-манијата.
https://photos.app.goo.gl/bwdisbXzs5RWBzj79
Espace од петтата генерација и натаму е ван, но направен е да потсеќа по малку на СУВ, а на моменти и да вози како таков. Индустријата одамна има смислено име за тоа, Renault Espace V е кросовер со сите нишани. Кој уште би помислил дека тој е веќе петта година на пазарот?
Multi-Sense е концепт што дури сега почнува да се применува во луксузните крстосувачи на конкуренцијата
Само некои од главните обележја, кои беа сензација при премиерата и дури денес стануваат стандард во поскапите модели: Динамично управување на сите тркала 4Control, диоди за сите функции на светлата или Multi-Sense, со којшто се избира работата на управувањето, менувачот, амортизацијата и моторот, а дополнително се менуваат и осветлувањето на кабината, климатизацијата и звукот на моторот.
https://photos.app.goo.gl/z9YGXx8HamcsHb6DA
Французите се добро извежбани со ванот Espace, така што кросоверот Espace со своите 4,86 метри во должина, 1,89 метар во ширина и 1,68 метар во висина практично доаѓа со гаранција дека овој простор е искористен подобро отколку во кој било друг автомобил од кросовер или СУВ-сегментот. На тоа следи уште меѓуоскино растојание од 2,88 метри.
https://photos.app.goo.gl/UDiXzgNaw4eQAZ6d6
Чувството напред пак е како во ван, затоа што ветробранот има површина од 2,8 метри квадратни. Духот на стариот Espace се чувствува и во просторот за колена долг 30,8 сантиметри во вториот ред. Притоа останува и багажник од 680 литри, односно максимални 2.101 литри, кога седиштата ќе се впуштат во подот. Во верзијата со седум седишта се „губат“ само неколку литри.
https://photos.app.goo.gl/sae3JRHJkvis2n9C8
Предните седишта се масивни како во S-Class, буквално фотелји. Во топ-изведбата Initiale Paris следува електрично местење, меморија, вентилација и масажна функција. Добар трик се изведува од возачкото место: Со притискање на „копче“ во големиот дисплеј во средината, седиштата назад се преклопуваат во подот. Во другото сценарио, кога треба да се импресионираат патничките и патниците, во кабината може да се избира светло во зелена, сина, беж, црвена или виолетова боја. Страничните прозорци се двослојни, за во кабината уште помалку да допираат звуци однадвор вклучувајќи го струењето на воздухот.
https://photos.app.goo.gl/RSYfHyFegXe2RjwF7
Возачот има на располагање три дисплеи: Дигитални инструменти, проекциски дисплеј директно во видното поле или исправен дисплеј од 8,7 инчи во средишната конзола. Во нивото Initiale Paris, конзолата е изведена сосем различно, со други контроли и посебен распоред. Луксузно. Тука се избира дали Espace ќе вози комфорно, неутрално, спортски или еко. Има и модус по личен избор. За тоа време, музиката доаѓа од 12 звучници, Bose нормално.
Управувањето на сите тркала ја подобрува динамиката надвор од град, односно го олеснува паркирањето во град
Специјалитет е управувањето на 4 тркала. Над 50 km/h, задните тркала се вртат до 2 степени, во ист правец со предните. Тоа е добро за стабилноста. Под таа брзина, тркалата на задната оска се вртат спротивно од предните, до 3,5 степени, со што овој близу петметарски крстосувач се паркира како да е Twingo.
https://photos.app.goo.gl/4YJfg3b53vunvbqd9
Сите овие ставки се стандард во топ-нивото Initiale Paris. Тоа важи и за приспособливата амортизација, за којашто може да се избираат три основни начини на работа. Притоа, интелигенцијата на подвозјето ги следи промените во интервали од 100 милисекунди и соодветно ја приспособува работата на амортизацијата. Да потсетиме дека ова е сепак француски автомобил?
https://photos.app.goo.gl/7bY2A5VkiidWyFmE7
Изборот од мотори го сочинуваат TCe 225, турбо бензинец од 1,8 литар со 225 КС и спринт до темпо сто за 7,9 секунди, и дизел Blue dCi 200, дволитарец со SCR-катализатор, Адблу и 400 њутнметри. Во вториов случај, вртежниот момент се пренесува до предната оска преку 6-степен менувач со двојна спојка.
https://photos.app.goo.gl/mNvxKuWKnXshHGei8
Секако дека има посебна приказна и во конструкцијата, верно на традицијата. Вратите и хаубата се од алуминиум, предните крила и задниот капак се од пластика. Во системите за асистенција исто така ништо не недостига, тука Espace уште при стартот беше пред конкуренцијата. Уште еден детал што совршено го заокружува концептот се 16-те сантиметри растојание од подлогата. Некои вистински СУВ-модели располагаат со помалку „резерва“ за терен. Тоа што погон на сите тркала не се нуди, најмалку е проблем. Кој уште би помислил со овој луксузен крстосувач да влегува во кал. Сепак е изведена и посебна заштита на подвозјето.
https://photos.app.goo.gl/Y4a8pGdCHCMUc2ZE8
Според францускиот ценовник, топ-дизелот Blue dCi 200 EDC, заедно со ниво на опрема Initiale Paris, чини 52.700 евра. Бензинецот спушта на 49.700 евра. Во тој случај барем нема опции. Сé е вклучено.
Постои и екстра-можност, а тоа е Espace да се претвори во подвижна канцеларија. Во тој случај, името станува Espace Executive, во средниот ред доаѓаат две фотелји место три седишта, со греење и електрично местење, вклучувајќи и посебна комфорна позиција, буквално да се залегне во фотелјите. Во пакетот е вклучена и посебна средишна конзола назад. Преработката во Executive се врши посебно од фабричките погони, во Renault Tech во Одбувие. Секако тоа има и цена: Плус 30.500 евра.
Уште неколку кадри од Renault Espace
https://photos.app.goo.gl/wxuadbfVjutLz1PV6
https://photos.app.goo.gl/76qNTMdXedrmzJBa8
https://photos.app.goo.gl/s3LHCsF6DtNKpN5i9
https://photos.app.goo.gl/Cpa6WoH5nyrZTmSy9
https://photos.app.goo.gl/CBDs78RG53Mvmedn6
И легендата…
https://www.instagram.com/p/BxKyGFwlwfY/
И дигиталниот салон на Renault…
















