Lancia со само еден модел што е достапен единствено во Италија, во првото полугодие постигна поголема продажба отколку Alfa Romeo на целиот европски пазар.
Според податоците од италијанската групација, Lancia Ypsilon во првите шест месеци од годинава се продала во 34.691 примероци. Тоа е единствениот модел во моментов, од марката што некогаш беше големо име на автомобилската сцена. Покрај тоа, Ypsilon е достапен само во Италија.
Во истиот период, Alfa Romeo на целиот европски пазар постигнала продажба од 29.187 примероци. Моделската гама на легендарната италијанска марка моментно се состои од само пет модели.
Постои логично објаснување за високата популарност на премиум-минито под знакот на Lancia. По престанокот на производството на Fiat Punto и Alfa Romeo Mito, Ypsilon е единствениот избор за италијанските возачки и возачи, кои традиционално имаат симпатии кон класата на градските автомобили и воопшто кон автомобилите со впечатлив стил.

Дополнително, групацијата нуди големи попусти и привлечни акциски понуди за овој модел. Лани, продажбата на Ypsilon достигна 27.168 примероци. Најдобра година беше 2016, кога во првото полугодие беа испорачани 40.172 примероци.
Повеќе проблеми има кај Alfa Romeo, чијашто продажба се намали за 42% во споредба со првото полугодие лани. Најмногу се забележува отсуството на Mito. Лани, спортската марка од Милано продаде повеќе од 6.000 примероци од овој автомобил врз основа на Punto. Најпродаван е Stelvio со 13.771 примероци на европскиот пазар, пред Guilietta (8.952 возила) и Giulia со 5.758 возила.
















